Синдикатите на УПОЗ, СИЕР, СУТКОЗ и АГРО Синдикатот денеска соопштија дека даваат поддршка на вработените во дневните весници Утрински весник, Дневник и Вест и на вработените во Јавното претпријатие Македонски железници кои штрајкуваат.

– Неисплатените плати се резултат на лошото менаџирање на компаниите кои се заинтересирани само за нивниот профит, а платите и другите права од работен однос за нив се во втор план. Незадоволството кое е таложено со години, можно е да прерасне во општо работничко незадоволство на повеќе синдикати. Игнорантскиот однос на менаџментот во изданијата на Медија принт Македонија и Јавното претпријатие Македонски железници кои одбиваат да разговараат со штрајкувачите, уште повеќе го поттикнува револтот кај штрајкувачите кои не можат да го остварат заработеното, се вели во соопштението.

Четирите синдикати УПОЗ, СИЕР, СУТКОЗ и АГРО Синдикатот, како што се наведува во соопштението, подготвени се да пружат правна, финансиска или друга помош и  да се вклучат во остварувањето на барањата за исплата на платите на Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија, Синдикатот на МЖ – Инфраструкутра и Независниот синдикат на машинскиот персонал.

Слични содржини