Државната изборна комисија ја прифати критиката на јавноста откако се дозна дека биле доделени 12 плати како надоместоци за членови, вработени и соработници. Никој од членовите на ДИK не понуди оставка поради овој скандал.

– Критиката ја прифаќам. Оваа одлука не го издржа судот на јавноста. Давам изјава дека иако не постои законска можност да се отповика одлуката, ќе ги разгледаме правните можности надоместоците кои ни се исплатени да ги вратам во буџетот или да ги донирам на организации кои работат нешто во врска со изборите – рече претседателот на ДИК, Александар Чичаковски.

Тој нарeди сите донесени одлуки кои не се објавени веднаш да се објават на сајтот на ДИК заради транспарентност.

Едногласно, со 9 гласа „за“ се изгласа заклучокот на ДИК да се рaзгледа можноста за враќање на парите.

Според заклучокот, секој член на ДИК индивидуално ќе си одлучи дали ќе ги врати парите што се исплатени како надоместоци за исплатените четири плати за локалните избори во октомври.

Никој од членовите не спомна дека планира да поднесе оставка, сите се правдаа дека одлуката е донесена во рамки на законот според правилник и критериуми, но оние кои зедоа збор рекоа дека ќе ги вратат парите.

– Не се чувствувам виновна, парите ги заслужувам во целост, но кога ќе легнат ќе ги вратам парите – рече Виолета Дума која кажа дека овој заклучок го донеле заедно со колегата Игор Милев.

Дума ги образложи и законските одредби за да појасни дека исплатата е законска читајќи ги членовите од законот и правилниците.

И нејзиниот колега од ВМРО-ДПМНЕ Сашо Срцев рече дека е законска исплатата на пари за изборите, но ќе ги врати парите во буџетот или ќе ги донира.

– Ако се докаже дека сум работел спротивно изборниот законик спремен сум ако треба да ја дадам и мојата оставка, но тоа нема да ги задоволи моралните принципи – рече Срцев.

Слични содржини