По реизборот на Алексис Ципрас од него се очекува брзо да почне да спроведува реформи и да работи за подигнување на грчката економија. Ова очекување може да биде грешен оптимизам, коментира Барбара Везел.

0,,18726175_303,00

Затишје на грчкиот фронт – тоа најмногу е поради Брисел во моментов. Многумина се обложуваа на реизборот на Ципрас, бидејќи за половина година успеале добро да го запознаат – и во буквална и индиректна смисла на овој збор. Имаше сепак надеж дека во долгите месеци на најтешките преговори со партнерите тврдоглавиот револуционер можеше да добие и квалитетите на одговорен државник. Таков кој ќе ја става одговорноста за својата земја над жедта за власт и тактички игри. Пустош, колапс на економијата и банкарскиот одмор беа наследството на неговиот прв мандат. Но постојат луѓе кои никогаш не губат надеж и вложуваат во доброто кај човекот.
Старата песна на нов глас

Секој победник на избори добива честитки од Брисел. Во задолжителната поздравна телеграма по овој повод обично се зборува за претстојните предизвици и се упатуваат желби за конструктивна работа. Шефот на ЕП- Мартин Шулц сепак овој пат допре со прст во раната: тој ја критикуваше одлуката на Ципрас да се сојузи повторно со националистите од партијата Анел. Шулц разбира одлично зошто Ципрас го прави тоа – за да има во Атина еден сојузник кој нема да му се меша, да му поставуваат незгодни прашања или да го засенува. Ако Ципрас беше ги привлекол во управувањето социјалдемократите или либералната партија “Тоа потами”, во менаџерскиот тим најверојатно сакаа да влезат и неколку експерти со искуство во управувањето или такви кои се разбираат нешто од економија. Газдата на “Сириза” сепак изгледа не го сака тоа, иако на неговата партија очајно и се потребни токму такви луѓе. Очигледно тој сака да е единствен лидер во извршната власт, што не е добар знак за иднината на земјата.
А можеби Грците го сакаат токму тоа – на секој чекор да бидат излажан од својот премиер. Во предизборната кампања тој повторно им вети сè на овој свет, вклучувајќи да ги олабави строгите мерки во спасувачката програма и да ги предоговори условите во неа. Тоа е чиста глупост, затоа што доверителите можат да помислат за некакви отстапки само кога ќе видат дека Ципрас започна да ги спроведува реформите. Сега тој има четири недели време, за да ги подготви неопходните закони за спроведување на болните мерки. Реформата на пензискиот систем и на државната администрација, како и приватизацијата на енергетско-снабдителните друштва и пристаништата се само дел од долгата листа со итни задачи. И овој пат сосема нема да е доволно барањата да бидат исполнети само формално. Ципрас има потреба од луѓе кои реално ќе ги извршат реформите. Како сепак може да се справи со оваа задача еден човек кој не престанува да ги уверува сонародниците дека спасувачката програма била уцена и подлост? Може ли таков човек така да се промени,да започне да се однесуваат одговорно и да ја земе во раце судбината на својата земја?

Робин Худ и Д’Артањан истовремено

Ципрас се чувствува најдобро во улогата на народен трибун и херој кој знае како да се одмаздува зад грб – еден вид мешавина помеѓу Робин Худ и Д’Артањан од “Тројцата мускетари”. При тоа во наредните години не се отцртува тој да биде нешто повеќе од главен продавач на горчливи лекови: Ципрас треба да разјасни на Грците дека пропишаниот лек е непријатен, но го спасува животот. Кажано поинаку: без реформи нема економски раст. Во меѓувреме сепак патот стана уште повеќе нерамен, за што вина носи лично премиерот Ципрас. Тој исто така треба да објасни на сонародниците дека грчката криза веќе не е прва грижа на Европа, која се бори под тежината на бегалскиот проблем.

И конечно – Ципрас ќе треба да се погрижи конечно Грција да почне да функционира како вистинска држава. Односот кон бегалците е срам за државната администрација и покажува уште еднаш дека таа е неспособна и лишена од секаква волја за справување со проблемите. Прашањето е дали премиерот Ципрас е вистинскиот човек кој ќе удри цврсто на маса и да не се плаши да “сече глави”? Досега тој се покажа како вешт тактичар. Дали сепак може и да управува – најверојатно самиот тој не го знае тоа. А дали Ципрас успеал да созрее и да ја сфати сериозноста на ситуацијата? Засега ништо не сугерира на тоа.

Само едно нешто е јасно: дека на крајот на правата стои Волфганг Шојбле. А зад неа демне сеништето наречено Грексит.

Слични содржини