ЦИВИЛ изразува згрозување од крајно дрскиот, арогантен, непрофесионален и неетички настап на главниот уредник на ТВ Сител, Драган Павловиќ-Латас на 10 февруари 2016 година, кога во програмата беше поканет опозицискиот лидер Зоран Заев.12736619_10201360586131928_1501160457_o-37738

Во својот монолог, Латас во целост ги разобличи своите сопствени позиции на послушник на власта. Притоа, уредникот на оваа телевизија со национална концесија ги откри и своите националистички и расистички определби и упати директни навреди на адреса на својот гостин и против меѓународната зедница.

Латас во ниеден момент не постави вистинско прашање, ниту дозволи неговиот соговорник да одговори. Тој го нарече својот соговорник изрод, дека политичар како него нема ни во Африка, ни на Марс, а круна на сето тоа беше неговата навредлива квалификација на етничка основа против Турците, со изјавата дека „лаже како Турчин“.

Со уличен речник, недолично и безобразно, главниот уредник Латас се обиде да го понижи и навреди својот соговорник, но единствено што успеа е да ја понижи телевизијата за која работи, како и да покаже колку низок, неморален и непрофесионален е медиумскиот простор кој е под цврста контрола на власта.

Ја повикуваме јавноста и граѓанското општество најостро да го осудат овој немил акт на неморално и непрофесионално однесување. Во нормална и демократска земја, овој настап би бил и законски санкциониран, но тоа во овие услови е тешко да се очекува.

Слични содржини