Да не го мести некој струмичанецот?

од desk4

Eден бивш висок југословенски, а потоа и македонски дипломат, одамна починат – кој својата врвна дипломатска кариера ја градеше и со сесрдна помош на УДБА – уште на времето ми има кажувано дека и Тито, кога влечел потези околу Македонија, со „едното око“ секогаш внимавал на реакциите на Софија. Таа регионална „игра со нежни кристали“ околу Македонија трае стотина и кусур години и не е престаната ни до денеска. Сетики нешто се подзаматува и бистри, се преточува, се ферментира и подзоврива, а температурата и концентрацијата на исцедокот се мери и премерува со најделикатните аптекарски ваги.

Во едни такви „лабораториски“ услови, иницијативата за „посвојување“ на МПЦ од страна на БПЦ делува како со запалена цигара да шетате во кинеска фабрика за петарди! Тоа не е и никогаш и не било само верско-канонско прашање, туку и чувствително геополитичко придвижување во нежниот баланс на силите во регионот. Со оглед на политичките влијанија што ги имаат ултранационалистичката Српска и, особено, Грчка православна црква во, респективно, политиките на Србија и Грција, за очекување е дека вознемирувањата во тамошните верски кулоари наскоро ќе се прелеат накај политичките кујни. Од таа работа аир никој нема да види.

Се плашам дека дел од нашите соседи не се подготвени на „дозата на нормализирање“ на односите на Балканот што силовито ја заговараат Европската Унија и сегашната Македонска влада. Таа, за нас, задоцнета офанзива им се гледа наврапита, нејасна, а тие во принцип не сакаат брзо менување на распоредот на фигурите на балканската шаховска табла на која се игра не со два, не со четири, туку со шест пара црно-бели фигури, истовремено.

Според тоа, ако сакаме мудро да ја одиграме оваа ретка историска шанса што сега ја имаме, мора до крај да се внимава во изборот на приоритетите на потезите што ги влечеме. И кој го прави тој избор. На пример, чија е, точно, идејата за овој, бездруго, контроверзен потез на МПЦ, баш сега?

Наизглед, целата иницијатива на МПЦ се вклопува во наглото затоплување на односите меѓу Скопје и Софија; ама, истовремено, како да е створена да предизвика и сосема обратен ефект.

Нервозата заради „бугарашење“ во дел од македонската јавност (и тоа без јасна партиска афилијација, и покрај пироманските квази-патриотски „потпалувања“ од ВМРО-ДПМНЕ) од потпишувањето, а допрва и од ратификацијата, на македонско-бугарскиот договор за пријателство и соработка, и без овој потез на МПЦ, е доволно голема. Знаеме, во минатото, големи инвестиции се беа направиле (во кадри, во пари, со фризирани истории и научни симпозиуми и многу други интереси) за Македонија и Бугарија да се одржуваат во напнати и, повремено, непријателски односи. Таа долгогодишна „бруцелоза“ нема да се излечи со дополнително лаживче рибино масло.

Од друга страна, потезов реално е „прст во око“ на СПЦ, а таму и онака се преплашени од „македонското сценарио“ за дестабилизација на Србија, со сите развиени конспирации кои само Србите се способни да ги измислат на Балканот. Да не ве лаже воената музика истопорена вчера во Белград.

Грците и така се клатат помеѓу опцијата дали малку повеќе или малку помалку да нѐ мразат, па само чекаат и мува да прелета за да се одлучат за првата опција.

Еве, Русите, од пристојност, нема ни да ги спомнувам.

Значи, ако баш ја т’нчиме, би можело да се тврди дека овој луксуз со МПЦ сега можеби и не ни беше неопходен. Особено кога другите евро-атлантски задачи ги извршуваме „по список“, и тоа бриселски, а не струмички. Или, можеби, оваа изненадувачка црквена екскурзија е токму поради тоа, што некој е вознемирен што евро-атлантската приказна ни врви толку добро?

Затоа и си мислам дека некој му го мести на струмичанецот. Освен ако тој, самиот, не помислил дека веќе толку добро плива низ балканскиве вртлози, што решил и без гаќи, грбно, да се брцне во вода?!

Затоа и велам: а, да се вратевме на приоритетите?

Сашо Орданоски

Извор: Цивил Медиа

Слични содржини