Почетна / Актуелно / Да се биде или не

Да се биде или не

 

 


Замолчеа терористичките експерти, па станав похрабар.

Не не преплашуваат веќе со тоа дека по Париз, Берлин и Лондон  само што не дошол на ред и Амстердам.

На тие напади во Мадрид, Ница..ш народот веќе и заборави, бидејќи во овие немирни времиња во страв кој ќе помни што се случува од ден во ден.

А морам да признаам, ме смири и она познатото полициско соопштение, како сега од главниот град на Велика Британија која излезе од ЕУ, дека извршителот на терористичкиот напад бил познат на органите за безбедност.

Всушност, во непрегледната човечка река, која непрекинато плови по улиците на Ван Гог, Рембрант и чадови од разни дроги, ме однесе наплатата на лесно добиеното обложување. Покрај росните и со пена богати кригли ја славам личната генијална видовитост со тврдењето дека господата инспектори ќе се огласат на веќе излижаната реченица од која испаничената Европа во секунда заеднички ќе здивне. Да не даде Господ да кажат дека терористот не бил познат на полицијата. Е, тоа веќе ќе не полуди.

Додека се приближувам до Калверстрат, познат централен булевар на милиони стапала, ревија на најчудни чевли и патики, многу работи ми се вртат во оваа босанска глава.

Како на пример, како тие генијалци за безбедност знаат дека наскоро ќе има терористички напад во некој град? Кој тоа им го јавува, кој им го открива? Или, како веќе знаат, дека тоа не можат да го спречат?

Тоа ми изгледа како она, не смееш ова не смееш тоа, бидејќи ќе добиеш рак! Ако веќе знаат од што се добива таа болест, зошто не пронајдат лекови?

Или, ако веќе велат дека ќе има терористички напади, зошто не го наведат часот, денот, па човек да не излегува на улиците додека не поминат полудените напаѓачи. Вака можам и јас да кажам дека ќе има акција против недолжни луѓе, иако не сум никаков експерт или аналитичар што дефилираат по разни наши телевизии и се знаат кога гужвите ќе поминат.

Уф, можам да замислам колку од тие универзални сезнајковци ќе бидат на бесконечната лента на сезнајковците кога за некој ден ќе почнат да ја објаснуваат 25-годишнината од почетокот на војната во БиХ. Се експерт до експерт, се Клуб до клуб 99, а се смееја на генерал Јова Дивјак кога на тој 6 април 1992 година се осмели да каже дека војната ќе трае најмалку три години.

… Ма, не мисли на нив, гледај каде одиш! Убаво е да бидеш осамен и изгубен во масата што те носи без цел и ред. Покрај убавиците што веќе ги покажуваат голите рамена на температура од 8, 9 степени Целзиусови. Срцето би ми се скинало ако сега пукне и целата оваа зовриена младост да ја претвори во крв и солзи, како што видовме пред Парламентот на Велика Британија.

Не се плашам толку за себе. Ги поминав тие снајпери и барикади, па не може до век да се криеме од мањаци што со нечија недолжна смрт сакаат да стигнат до рајските одаи.

Да, да, точно така. Како некој може да сфати дека директно ќе оди во рајот ако со бомби и пушки напаѓа голораки, немоќни?! Сешто!

Ете што направија тие што убиваат за разни богови и Алах. Постојано во секоја пора на стариот мозок има страв дали овој или следниот момент ќе станеш добитнички џекпот на терористичкото лото или рулет?

Затоа, срамејќи се на самиот себе, несвесно долго загледувам во секое црномуресто лице што ми доаѓа во пресрет. Се обидувам во длабочината на црните очи да видам омраза, одмазда. Не ги гледам само мажите, туку и забрадените дами, децата кои ги водат. Никогаш не знаеш под кој вел во нивните разиграни фустани може да носат таков кобен појас.

Убавините во неделните прошетки по метрополите на светот отидени се во минатото. Само ретки луѓе безгрижно се препуштаат на човечката река што носи и донесува. Главно тие што со стаклени погледи ги откриваат тајните на стотици амстердамски кофи-шопови во кои речиси никој не порачува кафе.

Додека полека и внимателно одам по царството на пешаците, бирајќи ќошиња и места каде ни мотори не можат да се залетаат, а не пак автомобили или не дај Боже камиони, се радувам на свирењето на трамвајот. Знам дека слично свират и по улиците на Сараево, посебно тие од што амстердамските гсп-овци ги подарија на Шехер во тесната котлина.

Но, запри! Што ако зад воланот на тој колос на шините има и некој радикализиран, како тој во Лондон, или тој со камионот во Берлин? Бегај, Паја, подалеку од шините, а пази се и на раскрсниците. Душа дале некоја будала да се залета по нив!

Оди на село, по брегови, цветни полиња. Подобро е потомок од сараевскиот епицентар на старост да стане земјоделец, отколку некоја урбана терористичка жртва во овој полуден свет, со кој како да не владеат Трамп, Путин и Ердоган. Ниту некоја ЕУ, ОН и НАТО.

А не пак Бакир, Драган и Младен.

Ма, мангуп бил тој Шекспир, кој мангупски со векови го остави отворено она – да се биде или не?

Од сето ова, не сум паметен дали да го пијам со кладење заработеното ладно пиво?!

Ослобоѓење – Сараево