Дачиќ: Заев брутално и скандалозно ја навреди власта во Србија

од Vladimir Zorba

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, денеска остро го критикуваше лидерот на СДСМ, Зоран Заев, поради неговата изјава за српски „Курир“, во која вели дека во Србија владее националистички раководство.

– Не знам со што Александар Вучиќ и владата на Србија го заслужија овој брутален и скандалозен напад од претендентот за местото македонски премиер, Зоран Заев. Зар не му се доста проблемите што ги има во Скопје, па сега ги бара и во Белград – праша Дачиќ.

Тој потсети дека Вучиќ со денови и со месеци повикувал на мирно решение на проблемот во Македонија, не мешајќи се во внатрешните работи на државата, истакнувајќи дека тоа може да предизвика нестабилност во целиот регион.

– Зошто Заев не ги напаѓа Рама и Тачи, туку Вучиќ? Не е тој толку наивен да не знае дека концептот „голема Албанија“ не е комплетен без Скопје. Србија кон Македонија е искрена, ја призна под уставното име иако за тоа имаше забелешки од Грција и ни еден збор не изговори за да се меша во нејзините внатрешни работи. А Македонија го призна Косово, гласаше против Србија во УНЕСКО и сега кандидатот за премиер брутално го навредува раководството на Србија и убедливо избраниот претседател Вучиќ. Останува уште само да изгласаат резолуција за српски геноцид над Албанците – додаде Дачиќ.

Во денешното интервју на Заев за српски „Курир“, лидерот на СДСМ, покрај другото, рече дека во Србија на власт е „националистичкото раководство“ на Александар Вучиќ кој „се декларира како лидер во регионот, но во првата пригода кога му беше загрозена политичката кариера, ги покажа своите националистички позиции“.

Во истото интервју, Заев вели дека првата обврска на новата влада во Скопје ќе биде унапредување на соработката со Србија и ги отфрли наводите дека новата власт ќе ја прогласи Србија виновна за геноцид./META

Слични содржини