Дали и колку Македонија е подготвена за преговори со ЕУ?

од desk4

Македонија го доби посакуваниот извештај од Европската комисија, со безусловна препорака за почеток на преговорите за членство.„Се вративте на колосекот. Можете да славите половина ден и потоа вратете се на работа. “– изјави комесарката за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини во Скопје на 18.04.2018 година.

Следниот термин за радост или можеби за разочарување е за неполни два месеца,анализира 360 Степени.

„Владата уште поенергично ќе ги води реформските процеси во следните два месеца за во јуни Македонија да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.“- изјави премиерот Зоран Заев на 18.04.2018 година.

Одлуката за почеток на преговори, сепак, е политичка и ја носат лидерите на земјите-членки, едногласно, што значи дека е неопходно зелено светло и од Грција. Македонија повеќепати стигна до овој дел од патот во блиското минато, но Атина одбиваше да ја крене рампата поради спорот за името. Разликата овој пат е што и двете страни се ангажирани проблемот со името да се реши.

И покрај затоплените односи и чести средби, ако Македонија и Грција не се договорат за спорот за името во следните недели речиси сигурно е дека нема да има датум за почеток на преговорите со ЕУ. Но, ако се покаже оправдан оптимизмот на премиерот Заев тогаш најважното прашање што ќе се наметне ќе биде – дали Македонија е подготвена за преговори?

За старт земјата-кандидат мора да има функционална структура од преговарачки тим со главен преговарач. Таа група ја претставува земјата-кандидат и е одговорна за преговорите со Советот на ЕУ, односно земјите-членки.

Почетокот на преговорите е во знакот на т.н. скрининг на законодавството на земјата-кандидат кое е поделено во вкупно 35 области. За секоја од тие области, земјата-кандидат мора да има соодветни тимови.

Владата не крие дека, во моментов, Македонија нема комплетна преговарачка структура.

„Постои основна структура и база која секако треба да се развива… Постојат работни групи и постојат контакт точки за ЕУ прашањата во сите министерства. Меѓутоа тоа е далеку од доволно од она што ќе се бара во преговорите … Владата на Република Македонија во наредниот период, до јуни месец, ќе работи интензивно на дефинирање на концепт за преговарачки тим и тоа тие подготовки се веќе започнати во Секретаријатот во за европски прашања но и во канцеларијата на претседателот на Владата.“- изјави советникот за евроинтеграции на премиерот, Бојан Маричиќ.

Основната причина поради која владата и самата вели дека нема кадар, иако Македонија и во 2005-тата и во 2009-тата градеше тимови и работни групи, е одливот на експерти. Еден пример е Филип Чапароски. Тој до 2007-ма е ангажиран во владиниот Секретаријат за европски прашања, а сега работи во канцеларијата на меѓународната организација Национален демократски институт во Скопје.

„За жал многу квалитетни, многу компетентни и обучени кадри ја напуштија државната администрација во изминатите години. Добар дел од нив се одлеаја во граѓанскиот сектор, но добар дел се заминати од државата и си ја бараат своја среќа надвор од границите на Македонија. Тоа се значителни ресурси кои една мала земја не смее да си дозволи да ги губи лесно, но од друга страна ќе биде голем предизвик и за секоја владејачка гарнитура да ги обезбеди тие стручни, обучени, готови кадри да помогнат во процесот“- изјави за 360 Степени Филип Чапароски, поранешен вработен во Секретаријатот за европски прашања,

Тие луѓе, според Чапароски, не се изгубени за државата. Но, и нема да биде лесно да се вратат.

„Мотивацијата ќе игра главна улога и тука пред се не мислам само на финансиските услови, бидејќи нели знаете какви се условите во државна управа наспроти некои странски организации и фондации. Но, многу ќе биде битно и од самиот моментум каде ќе се наоѓа државата. Ако се види дека државата влегува на вистински колосек, дека е трасиран патот, дека се почнати преговори, дека сериозно се пристапува, дека условно се гледа она светло на крајот на тунелот, дека исходот би бил извесен за неколку години верувам дека ќе се зголеми мотивацијата за луѓето да се вратат повторно да помогнат на сопствената држава.“

Според процените на сегашната и минатата влада, комплетниот македонски тим кој ќе биде ангажиран на различни нивоа во текот на преговорите треба да брои околу 800 до 850 луѓе. Бојан Маричиќ не сподели со „360 Степени“ каде и колку места треба допрва да се пополнуваат. Но, преку еден пример, посочи дека има огромни дупки – мисијата на Македонија во Брисел има помалку од 10 претставници, а Црна Гора која во моментов преговара со ЕУ има 35-мина.

Пред воопшто да се анимираат кадри што би ги пополниле тие места, Владата прво мора да најде начин како да ги ангажира, бидејќи законите не дозволуваат високи плати во јавна служба.

„Секако, мораме да бидеме креативни и мора да размислуваме надвор од рамките на сегашната законска рамка за ангажирање на луѓе во јавната администрација. Меѓутоа, има примери и во регионот и на држави кои претходно преговарале со Европската Унија каде што се прават специјални фондови, дел од нив можат да бидат и потпомогнати од европските фондови, билатерална помош со државите кои ќе ги помогнат овие капацитети и кои ќе бидат дополнување на она што го предвидува државниот буџет и законската рамка за да може да се ангажираат експерти што треба да бидат подобро платени од она што е државната администрација, но исто така и мотивација на оние вработени во државни службеници коишто ќе даваат екстра напори и коишто ќе работат многу повеќе од тоа што го работеле досега.“ – изјави Бојан Маричиќ.

Маричиќ, кој и самиот признава дека подготвеноста за преговори е далеку од идеална, сепак, смета дека ако има датум за старт на преговори – Скопје нема да влезе неспремно во процесот.

„ На хартија, постојат и одлуки и тимови коишто се направени првично во 2005-та година а потоа и 2009-та година. Меѓутоа за да ги составиме и да бидат функционални ќе треба неколку месеци сигурно. Но, тоа не е страшно бидејќи секако следи неколкумесечен период на скрининг, односна на анализа на усогласеноста на законската рамка и на практиката во Република Македонија со стандардите на Европската Унија во сите области.“- вели Маричиќ

Поранешниот владин кадар Чапароски очекува итна реакција.

„Не, никако не треба да седиме на страна, да чекаме работите да дојдат нели до тој степен па да не фатат затекнати и неспремни. Треба да се градат капацитетите во паралела. Дури и да не биде ништо од таа одлука за почеток на преговорите, државата мора да ги спроведе тие реформи, пред се за свое добро, во интерес на своите граѓани.“

Извор: 360 Степени

 https://youtu.be/dt–Wth4W5g

Слични содржини