Премиерот на Турција, Ахмет Давутоглу се состана со турскиот претседател Реџеп Ердоган за консултации, откако владејачката партија го загуби парламентарното мнозинство. Сега Партијата на правдата и развојот е принудена да бара коалиција со помали партии, соопштува АП.
Не е јасно дали Давутоглу ќе поднесе оставка за време на средбата, што е во согласност со политичката традиција во земјата. Ердоган може да замоли Давутоглу да остане на функцијата до формирањето на новата влада.
“Франс прес” истакнува дека Давутоглу ќе поднесе оставка и Ердоган ќе го замоли да формира нова влада на средба кон 16 часот по локално време во новата претседателска палата во Анкара.
Ова ќе е нивната прва средба од изборите.
Ердоган може да свика нови парламентарни избори, ако во рок од 45 дена не биде формирана влада.
Дневниот весник “Хуриет” забележува дека ако Давутоглу не успее да формира влада, Партијата на правдата и развојот ќе свика вонреден конгрес во август, кој ќе избере нов партиски лидер и премиер. Се споменува името на поранешниот претседател Абдула Ѓул.
Создадената од Ердоган партија, освои 40% од гласовите по неделните парламентарни избори. Партијата зема 258 места од 550-члениот парламент – 18 се потребни за мнозинство.
Опозициските партии рекоа дека нема да се коалицираат со владејачката партија. Резултатот е голем удар за Ердоган, кој се надеваше дека ќе го смени парламентарниот систем во претседателски.