Поранешната главна обвинителка на Хашкиот суд Карла дел Понте има намера да даде оставка од Истражната комисија на Обединетите нации за Сирија, која никогаш не постигна ништо, рече таа за швајцарскиот весник Блик.


Дел Понте констатираше дека „ужасните злосторства кои се направени во Сирија не се видени ни во Руанда, ни на пордачјето на поранешна Југославија“.

„Фрустрирана сум, заминувам. Напишав оставка и ќе ја пратам следните денови“, вели таа.

„Сега сите се на страната на злото во Сирија. На почетокот имаше добри и лоши. Опозицијата беше на страната на доброто. А сега сите во Сирија се на страната на злото. Асадовиот режим направи страшни злосторства против човештвото, и користеше хемиско оружје, а опозиција се екстремисти и терористи“, појасни Дел понте.

Смета дека во Сирија нема ни училишта ни институции.

„И верувајте ми: толку страшни злосторства како во Сирија не сум видела ни во Руанда, ни во поранешна Југославија“, вели таа.

Дел Понте е именувана за обвинителка на Меѓународниот казнен суд за поранешна Југославија. Работеше и на случаите против италијанската мафија заедно со судијата Џовани Фалконе, во 90 –тите.

Советот за човекови права во 2011 година го основа независната истражна комисија на ОН, само неколку месеци по почетокот на судирите во Сирија.Дел Понте му се придружи во 2012 година.

Комисијата со која претседава Бразилецот Пауло Пињеро предаде неколку извештаи, но Дамаск никогаш не му одобри влез во Сирија.

„Не можам повеќе да останам овде каде не се прави ништо“, објаснува Дел понте и ги обвини членовите на Советот за безбедност дека не сакаат да ја спроведуваат правдата.

„Немавме никаков успех“, коментира Дел Понте. „Се додека не биде воспоставен суд за злосторствата во Сирија, сите извештаи се потполно бескорисни“, смета таа.
Ова, според неа, е скандал за меѓународната заедница.

„Мислевме дека меѓународната заедница нешто научи од Руанда, но не научиле ништо“, заклучува Дел Понте.

Во судирите во Сирија од март2011 година, загинаа повеќе од 330.000 луѓе,а повеќе милиони се раселени.

Слични содржини