Демир Капија ќе добие нов хотел

од desk3

Демир Капија ќе добие нов хотел со 24 соби и вработување до 30 лица, а предвидено е да има летна тераса, конференциска сала, спа центар, надворешен базен, детско катче и сопствен паркинг.

Инвеститорот од Скопје Гоце Ѓорѓиевски информира дека во зависност од обемот на работните активности, хотелскиот комплекс ќе вработува 20 до 30 лица, а по потреба овој број ќе се зголемува.

Неговата ќерка Катерина Митревска соопштува дека врз основа на спроведена анализа за избор на соодветна местоположба на хотелски објект, изборот падна на локација во општина Демир Капија.

– Одлуката нашата инвестиција да биде во оваа општина се темели на следните показатели. Локалната самоуправа посветено работи на развојот на туризмот. Добрата локација на понудената местоположба за изградба и немањето на ваков обејкт во пошироката околина, се исто така многу важни, нагласува Митревска.

Со цел да ги задоволат потребите на домашните, а и странските туристи кои транзитираат низ државата, проектирано е хотелот да има 24 соби и ресторан со капацитет од 170 гости.

– Овие содржини ќе бидат распоредени на површина од десет илјади метри квадратни, а самиот хотелски објект е две илјади метри квадратни. Хотелот е во модерен стил и во согласност со најновите стандарди за хотелиерство. Согласно планот на активности наредната година целиот комплекс треба да биде ставен во функција, додава Митревска.

Слични содржини