Демократскиот сојуз смета дека последното јавно обраќање на Ѓорге Иванов претставува најголем срам кој во досегашните 25 години независност на Република Македонија, ѝ е нанесен на функцијата – Претседател на државата, соопштуваат денеска од паартијата.  На својот вчерашен настап, Иванов се претстави како портпарол на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, во целост застанувајќи зад позициите на Груевски и на неговата медиумско – пропагандна машинерија. Со тоа тој дефинитивно излезе од рамките на својата функција, која подразбира шефот на државата да биде претседател на сите граѓани.

дс

Според Демократскиот сојуз, вчерашното јавно обраќање на Иванов беше обична пропаганда во функција на омаловажување на масовните граѓански протести и високиот рејтинг и поддршка која ја има Специјалното јавно обвинителство. Човекот кој треба да ја претставува државата, си дозволи да биде заштитник на криминалот и тешките злоупотреби на власта, кои се индицирани во снимените аудио разговори. Користејќи класична замена на тези, Иванов го постави прашањето – зошто предметите на СЈО се однесуваат само на власта, а не на опозицијата, со што под сериозно сомневање го постави и сопствениот здрав разум и нормално расудување.

Човекот кој со прогласувањето аболиција е главната причина за ескалација на политичката криза во Македонија последниве два месеци, со провиден спин се обиде да се амнестира од сопствената одговорност, повикувајќи се на целосно лажни и измислени ситуации, како што е загрозеноста на државата од терористички напади, евентуалната употреба на армијата и сериозноста на разузнавачките податоци кои наводно стигнувале до него.

Демократскиот сојуз е посебно загрижен од обидите на Иванов да сее страв кај граѓаните со лажните тези за некаква специјална војна против Македонија, која наводно се води од странски центри кои имаат за цел да ја потчинат државата. Државата и нејзините институции се потчинети, ама не од странски служби, туку од ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски, што педантно е констатирано во минатогодишниот извештај на Прибе, што за Иванов нема никакво значење.

демократски-сојуз-хоризонталноДемократскиот сојуз е скандализиран од ниското ниво на политички капацитет кој Ѓорге Иванов го демонстрира во последно време, а неговите настапи наместо кон смирување на тензиите, предизвикуваат уште поголем револт и гнев кај мнозинството граѓани на Република Македонија. Ставањето на позицијата – Претседател на држава во функција на измеќар на владејачката партија, претставува дополнително оправдување на иницијативата на Демократскиот сојуз за уставни измени со кои идните претседатели на држава ќе се избираат во Парламентот и ќе имаат исклучиво протоколарни надлежности.

Оттаму, Демократскиот сојуз смета дека следниот јавен настап на Ѓорге Иванов може да има смисла само доколку претставува негова оставка на функцијата – Претседател на Република Македонија, се вели во денечното соопштение на ДС.

Слични содржини