Денеска повторно разрешувањето на Зврлевски

од Vladimir Zorba

  Џафери на последната  седница посочи дека на осум пратеници кои се јавиле за збор за време на трите собраници седници одржани минатата недела, 200 пратеници се јавиле за реплика.

Денеска продолжува собраниската расправа во рамки на шестата седница за разрешување на јавниот обвинител на Република Македонија, Марко Зврлевски.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и попладнево во меѓусебни реплики и контрареплики, оценија дека намерно се форсира оваа расправа во Собранието со цел, како што посочија, да се дефокусира јавноста од актуелните теми, како задолжувањето, пожарите, стратегијата за бегалци…

Предлогот за разрешување на Зврлевски е поднесен од Владата поради, како што се наведува во образложението, незаконито, ненавремено и недоволно стручно вршење на функцијата. Исто така, во документот се наведува и дека Зврлевски со своето однесување и дејствување покажал дека не е способен за извршување на функцијата, како и поради тоа што не поднел барање за покренување кривична постапка за случаи предвидени со закон и нарушување на угледот на функцијата.

Пратениците од СДСМ во Собранието најавија дека ќе се откажат од нивните говори со цел побрзо законски и легално да биде разрешен Зврлевски и да биде избран нов државен јавен обвинител за да почнат реформите во правосудството.

За пратениците од опозицијата барањето е неосновано и неаргументирано. Тие се повикуваат на членот 8а од Изборниот законик со кој, како што велат, е истакнато дека сите постапки за назначување и разрешување функционери не смеат да се случуваат кога се распишани избори.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев уште еднаш повтори дека пратениците на СДСМ нема да учествуваат, како што рече, во бесмислена расправа што ја водат пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Посочи дека доказ за тоа е што сите се откажале од нивните дискусии за час поскоро да заврши оваа, како што рече, рашомонијада, оваа бурлеска околу сосема законското и легално разрешување на државниот јавен обвинител.

– За тоа што уште еднаш беше спомнато дека е незаконски или дека не е според изборниот законик оваа дебата и разрешувањето, ќе повторам дека цитираниот член 8а од Изборниот законик точка 1 став 4, каде се вели дека не може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување освен во случај на итни и неодложни работи, не може да се примени врз оваа постапка затоа што ние не разговараме за отпуштање од работа на Зврлевски или за прекин на неговиот работен однос. Не, ние тука зборуваме, тој е јавен функционер кој е избран од страна на Собранието на Република Македонија, рече Тунтев.

Посочи дека Зврлевски нема да биде отпуштен од работа, нема да му престане работниот однос, само нема да биде државен јавен обвинител.

– Значи ќе му прекине функцијата, а престанокот на мандатот на функционерот е во надлежност на ова Собрание. Тој има мандат од шест години, него го предлага Владата, го избира ова Собрание и сосема е логично ако на предлог на Владата заради несовесно, незаконско итн. работење Собранието расправа. Значи оваа расправа би имала смисла само доколку е поврзана со разрешувањето на Зврлевски, рече Тунтев.

Ова што се случува сега, овој говор на омраза, ова спомнување на предавници итн., нагласи Тунтев, ова многу наликува на април.

– Искрено се надевам дека нашите почитувани колеги од опозицијата ќе прекинат, дека сите заедно конструктивно ќе се откажеме од понатамошна бесмислена дискусија или да ја завршиме расправата која е сосема законски и легална за господинот Зврлевски за час поскоро да започне постапката за именување на новиот државен јавен обвинител според професионални и стручни принципи, додаде Тунтев.

Талат Џафери закажа ново продолжение  за денеска  во 11 часот  .

Џафери на последната  седница посочи дека на осум пратеници кои се јавиле за збор за време на трите собраници седници одржани минатата недела, 200 пратеници се јавиле за реплика.

– Повелете кажете, не знам каде да ви најдам време. Медиумите и граѓаните ќе разберат по која логика се одвиваат на секој говорник по 20 реплики што немаат врска со темата. Сега процедурално бараш Илија?! По тој аршин бараш време, а ти си тој што го попречуваш. Интервенираш кога ќе ти упаднам во збор, а сам упаѓаш – му се обрати Џафери на Димовски.

Пратенците од коалицијата на власт повторно се откажаа учество во расправата, со цел да заштедат време и Зврлевски побрзо да биде разрешен.

 

Слични содржини