Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска ќе го разгледува извештајот за работата во првите шест месеци на Специјалното јавно обвинителство. Откако се одложи разгледувањето во Советот на јавни обвинители сега е редот пред пратениците.

 сјо

Во петокот расправата за извештајот беше одложена откако специјалната обвинителка Катица Јанева не дојде на седницата на Советот на јавни обвинители.  Јанева им порача своите колеги од СО дека нема ништо нејасно, а за тоа што имаат дилема нека и пишат и ќе им образложи и разјасни.Според законските одредби и Советот на јавни обвинители има обврска да ги разгледува извештаите на СЈО.

Седницата е закажана во 11 часот, но се поизвесно е дека Катица Јанева нема да се појави пред пратениците, бидејќи таа до сега не најави дека ќе оди во законодавниот дом.

До сега од СЈО коментираа дека немаат законска обврска да го образложуваат и јавно тој извештај, бидејќи според законот за специјално обвинителство, Јанева е обврзана да поднесува извештај за својата работа на секои шест месеци до Собранието и Советот на ЈО, но не и да дава отчет.

Пратениците за ова имаат различно толкување. Некои сметаат дека таа мора да присуствува да го презентира, а потоа да дебатираат за него, но дел не очекуваат дека Јанева ќе дојде на матична комисија.

Извештајот беше напишан на 13 страници и објавен на 15 март..

Голем дел од институциите покажале непочитување на барањата на Специјалното јавно обвинителство, кое во извештајниот период од 6 месеци се соочувало со одредени потешкотии од аспект на меѓу институционална соработка, се наведува во извештајот

„Со постапувањето на дел од јавните обвинителства во Македонија спротивно на моето барање за доставување на само пет предмети и доставувањето на сите предмети содржани во статистичкиот преглед на Јавното обвинителство на Македонија, изразено е непочитување на динамиката на работа и автономноста на ова Јавно обвинителство.

Воедно истите овие јавните обвинителства и во наредниот период одбиваа да соработуваат со ова Јавно обвинителство, одбивајќи да ми достават предмети на увид без да имаат законски основ за таквото одбивање и воопшто одбивајќи да ми ги достават предметите кои ги имам побарано со цел да се произнесам за стварната надлежност на ова Јавно обвинителство.

Недостасувањето на предметите и известувањето испратено од страна на овие обвинителства до Советот на јавни обвинители со кои се иницира постапка за проверка на мојата професионалност при извршувањето на работите и задачите попишани со законот, од аспект на предметите кои ги имам побарано, е токму одраз на недостаток на доверба во мене како Специјален јавен обвинител и повреда на законските обврски и начелото на автономија на ова Јавно обвинителство“, вели Јанева во својот прв извештај .

суд

Во извештајниот период и Основниот суд Скопје 1, не ги доставил доказите до СЈО како овластен тужител со што предизвика одолговлекување на почетокот на главната расправа за предметот познат во јавноста како „Пуч“, а истото се случувало со барањето за увид во архивирани предмети.

„Несоодветен начин на постапување имаат и други државни институции и органи кои не постапуваат по барањата и роковите определени од Специјалниот јавниот обвинител. Сепак и покрај ваквите состојби сакам да укажам дека во извештајниот период дел од институциите покажаа континуирана кооперативност и поддршката во работата на ова Јавно обвинителство, постапувајќи согласно законските обврски“, заклучува Јанева

Слични содржини