Сопственикот на порталот Охрид скај, Сашо Денесовски, тврди дека денеска околу 12 часот од висок полициски службеник З.С. добил закани дека ќе биде ликвидиран.

Инцидентот, како што објави порталот, се случил во ресторанскиот дел на познат сохридски хотел на улицата Кеј Македонија, кога полицискиот функционер првин се обидел насилно да го истурка Денесовски кон делот на хотелот каде е сместен лифтот, но откако не успеал во тоа, почнал да му се заканува по живот. Порталот пишува дека З.С., кој бил во цивилна облека, злоупотребуваќи ја службената легитимација издадена од МВР, како и службениот пиштол кој во моментот го носел под блузата, му рекол на Денесовски дека ако уште еднаш излезе негова слика и текст поврзан со неговото име на Охрид скај, ќе му направел нешто за што и Денесовски немало да биде свесен што ќе му се случи и доколку не престанело да се пишува за него и за „Кланот“, ќе го ликвидирал.

– Откако ме фати за јакната и почна да ме влече кон лифтот, притоа легитимираќи се како припадник на полиција, не знаев дали настапува од позиција на полицаец. Кога почна со упатување на сериозни закани и кога увидов дека ја злоупотребува службената положба и дека неговите намери се приватни, му дадов до знаење дека неговите закани нема да поминат. Не би сакал да изнесувам повеќе детали од настанот, зошто тој е пријавен во СВР Охрид, а известен е и јавен обвинител – изјавува Денесовски.

Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, за Плусинфо рече дека се наоѓа на тренинг обука во Скопје и дека не може да потврди дали случајот е пријавен, а нагласи и дека во моментот нема кој во охридката полиција да даде одговор на тоа.

Во текот на денот, сепак тој остави простор дека постои можност да дознаеме повеќе информации за случајот./+Инфо

Слични содржини