Дескоска: Пратенички прашања еднаш неделно наместо еднаш месечно (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba
 renata-deskoska-pres

Македонија мора да има институции кои ќе бидат отчетни и отворени кон јавноста. Токму затоа во Планот за живот во Македонија се обврзуваме на јавност во трошењето на буџетските средства, порача денеска Рената Тренеска – Дескоска, членка на Избршниот одбор на СДСМ.

– Секој потрошен денар од Буџетот на Република Македонија ќе биде на увид кај граѓаните и сите ќе имаат можност да видат како се трошат нивните пари. Ќе воведеме мерки преку кои секој граѓанин од својот компјутер ќе може да провери колкава е платата на секој јавен функционер и дали и колкави надоместоци зема за патни или други трошоци и слично. Ова ќе претставува важен чекор во спречување на злоупотребите на властa. Секој министер ќе знае дека негов контролор е секој граѓанин на Македонија – рече таа.

Дескоска најави дека ќе зајакне и контролата на Владата од страна на Собранието.

– Досега министрите бегаа од соочување во Собранието, ескивираа од пратеничките прашања кои имавме право да ги поставуваме само еднаш месечно. Поради зголемена транспарентност на Владата пред Собранието, наместо еднаш во месецот, пратеничките прашања ќе се одржуваат еднаш неделно, а наместо наместени и популистички телевизиски седници на Владата, јавноста ќе има целосен увид во сите владини документи и заклучоци како што се материјали за седници, дневен ред, записници, и одлуки – рече таа претставувајќи дел од мерките кои ќе ги обезбеди СДСМ со цел да оствари вистинска транспарентност на клучните државни институции.

Таа порача дека граѓаните ќе вршат контрола над власта, а власта ќе работи транспарентно и единствено во служба на граѓаните. Единствено на таков начин граѓаните ќе ја вратат изгубената доверба во институциите, смета Дескоска.

Слични содржини