Дескоска: Ученичкото организирање значајна можност за „демократска едукација“

од desk2

Ученичкото организирање е значајна можност за „демократска едукација“. Преку здружувањето, учениците учат за начините на организирано остварување на своите права и интереси. А со учество во процесот на одлучување, вежбаатдемократија, но и се коректив на возрасните кога се одлучува за прашања што се од интерес на учениците.

Ова денеска го изјави министерката за образование, Рената Дескоска, на конференцијата „Зајакнување на ученичкото учество во процесот на донесување одлуки во средните училишта“.

– Oсновните гаранции за ученичко организирање ги наоѓаме во Конвенцијата на правата на детето. Целиот мој живот се залагам за образовни институции што ќе бидат места за практикување демократија. Училиштата и факултетите треба да бидат „школи на демократијата“, и треба да го негуваат и стимулираат младинскиот активизам, рече Дескоска.

Според неа, низ процесот на образование можете да создавате активни граѓани кои ќе бидат носители на власта, односно нејзин контролор и коректив, а може да создавате и поданици, кои ќе бидат потчинети и подложни на манипулација.

– Училиштата треба да бидат „лаборатории за граѓански активизам“, бидејќи да се создаде владеење на народот е значајна работа, но има една уште позначајна, а тоа е да се одгледа народ за владеење, посочи Дескоска и додаде дека со своето учество во процесот на одлучување, учениците придонесуваат за поквалитетен воспитно-образовен процес.

Таа најави дека во текот на процесот на измена на Законот за средно образование, е опфатено и правото на учениците да се организираат и да учествуваат во одлучувањето во училиштата, со внесување конкретни гаранции за истото.

Иван Јованов, директор на здружението Лидери за едукација, активизам и развој (LEAD), кое заедно со Фондацијата „Конрад Аденауер“ го имплементира проектот зајакнување и градење на капацитетите на училишните заедници во РМ, рече дека на настанот ќе се промовира првото истражување за учеството на средношколците во процесот на донесување одлуки во училиштата.

Според него, резултатите од истражувањето покажуваат дека 65 отсто од учениците не се вклучени во процесите на донесување одлуки, така што има голема потреба од нивно формално вклучување во процесот на донесување одлуки во сите тела и во училишниот одбор, во наставничкиот совет, и поголема консултација од страна на телата во училиштата.

Тој вели дека најчесто се вклучени во делот на организирање матурски екскурзии, но за посуштински прашања треба да има поголема вклученост, на пример дали има потреба за  смени, дали сакаат да носат униформи, организирање воннаставни и вонучилишни активности.

Слични содржини