Пратеничката Рената Дескоска реагира за измените на законите за нотаријат и за извршители што ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ги донесоа на синоќешната седница откако беа изгласани законите поврзани со имплементацијата на Договорот од Пржино.

– Со вчерашното гласање се потврди она што СДСМ и коалицијата го зборуваше пред три и пол месеци, кога овие закони беа донесени. И тогаш и денес тврдевме и тврдиме дека законите за нотари и извршители нема да донесат никакво подобрување за граѓаните и нема да ги намалат трошоците на граѓаните во постапките пред нотарите и пред извршителите. Тврдевме и тврдиме дека тие закони коишто ги изгласа власта не носат олеснување на трошоците на граѓаните кои во извршните постапки плаќаат многукратно повеќе од основниот долг. Владата го тврдеше спротивното, но во април оваа година, кога ги донесе законите внесе одредба истите да стапат во сила по четири месеци, односно по завршување на тогаш од нивна страна планирани парламентарни избори на 5 јуни. Сега кога изборите се одложија и се очекува да се одржат до крајот на оваа година, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, на вчерашната седница повторно го одложија стапувањето во сила на овие закони за следната година, за 2017.Многу симптоматично! Ако законите беа поповолни за граѓаните владата ќе овозможеше истите да стапат во сила и тоа ќе го користеа во изборната кампања. Со одложување на стапувањето во сила на овие закони, владејачкото мнозинство призна дека направи злонамерна, дефектна реформа која не е во корист на граѓаните. И сака тоа да го сокрие од граѓаните – рече Дескоска.

Таа додаде дека се опозицијата е свесна дека постапките пред извршителите носат превисоки, нехумани трошоци.

– СДСМ ветува дека по доаѓањето на власт ќе спроведе темелна реформа во оваа сфера заснована на принципите на социјална правда и правичност – порача Дескоска.

Слични содржини