Џафери и Јанева се сретнале со делегација на Конгресот на САД

од Vladimir Zorba

Делегацијата на претставници на Конгресот на Соединетите Американски Држави, која денеска беше во посета на земјава, имала средби и со новоизбраниот претседател на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери и со специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, соопштија од амбасадата во САД во Македонија.

„Двопартиската делегација, предводена од конгресменот Боб Гудлејт, претседател на Комитетот за правосудство, се сретна со претседателот на Собранието Талат Џафери, со пратеници, и со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Делегацијата исто така се сретна со министерот за одбрана Зоран Јолевски и со министерот за надворешни работи Никола Попоски во касарната ‘Илинден’, каде Воената полиција ја презентираше опремата финансирана од САД“, стои во соопштението на амбасадата.

На состаноците, како што информираат оттаму, се разговарало за „зајакнување на владеењето на правото во Македонија, за воената соработка, и процесот на формирање на влада“.

Инаку, посетата на делегацијата на Конгресот на САД на земјава е во рамките на нивната регионална турнеја во текот на која се разговара за различни прашања, вклучувајќи ја демократската политичка клима и економскиот раст на Балканот.

Слични содржини