DigiGirlz настан на ФИНКИ и ЈИЕ за вклучување на девојчињата во ИТ

од desk2

Над 100 девојчиња од средни училишта од државава учеа за придобивките од кариера во полето на дигиталната технологија на DigiGirlz настанот, што се одржа денеска на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжерество (ФИНКИ).


Таков настан вчера се одржа и на Универзитетот на Југоисточна Европа, а целта на организаторот, компанијата Мајкрософт Македонија, е да ги поттикне младите девојчиња уште од средношколска возраст да се вклучат во некоја СТЕМ професија.

Со девојчињата разговараа и своите искуства ги споделија успешни жени од ИТ областа, како Ирена Ивановска од СЕМОС, Татјана Бошевска од Сеавус, Катерина Трајчевска основач на ADEVAIT, Влора Адеми од Мајкрософт, Марика Апостолова Трпковска, Мајлинда Фетаји, Лејла Абази Беџети и Мартина Димоска.
Активностите ги поддржа и Зорица Заева, сопругата на премиерот на Република Македонија, која порача дека моќта на жената се гради од мали години затоа што тогаш се наметнува и стравот од неуспех во работата во ИТ професијата.

Девојчињата, како што рече, од мали несвесно се учат дека работата како програмер или иноватор не е за нив и оти повеќе успех би имале во правото или економија. Посочи оти е цврсто убедена дека тоа не е точно, а иницијативата на Мајкрософт е доказ за тоа. Сите кои се вклучени во DigiGirlz, посочи, им покажаа на младите девојчиња дека можат да бидат што сакаат во животот и оти ја имаат истата шанса како сите за да успеат со работа во ИТ.

Оваа иницијатива почна да се организира на светско ниво пред 20 години.

– Има над илјадници млади девојчиња на кои им покажуваме дека остварувањето на нивните соништа на професионално ниво се повеќе од возможни. Имајќи го во предвид чекорот кој го преземаме за да ја втемелиме промената која сакаме да ја видиме во светот сакам да го изразам моето најискрено задоволство за нивото на поддршка кое ни го дадоа голем број успешни жени во Македонија, рече Влора Адеми, водечки менаџер за развој на бизнисот во областа на образованието во Мајкрософт Македонија.
DigiGirlz се организира на светско ниво во рамки на YouthSpark иницијативата на Мајкрософт.

Слични содржини