Експертот Атанас Урумов предложи во планот за вкрстени проверки да се додаде уште една точка, според која сите податоци што ќе произлезат од вкрстените проверки за можни сомнителни гласачи, прво да се одобрат од ДИК, па потоа да се прави теренска проверка.

Според планот, дел од сомнителните категори што ќе треба да се проверуваат во избирачкиот список се починати лица, повеќе гласачи на иста адреса, граѓани кои немаат постојано живеалиште во Македонија, фантомски избирачи и гласачи кои ги има на две избирачки места.

Силвана Бонева, член на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека се сомнева во валидацијата и се плаши да не се одолжи овој процес, а со тоа и да се одложи прочистувањето на избирачкиот список.

Бедредин Ибраими, член на ДИК од ДПА, рече дека можеби воопшто нема фантомски гласачи и изборачкиот список е точен.

На денешната седница членовите го изгласаа извештајот за спроведените активности на експертската ИТ-група за процесите за нормализирање и за чистење на базите на податоци. Останува да се направи валидација на податоците, анализа од тројца независни аналитичари, да се споредат резултатите со тие на експертската ИТ-група, да се поднесат извештаи до ДИК и да се добие поддршка во планирање на теренската проверка и ажурирање на избирачкиот список.

Понатаму, како што е наведено во извештајот, треба да се добие поддршка од аналитичарите на податоците и да се предложат можни стратегии за теренската проверка.

Точката за објавување на избирачкиот список на веб-страницата на ДИК е одложена за наредната седница.

(META)