Почетна / Локално / Димитриев го искара Рама на „Фејсбук“

Димитриев го искара Рама на „Фејсбук“

Додека мојот колега од Албанија „од ракав“ вади сценарија за спојувања на Албанија и на Косово, доколку пропадне европската интеграција на државите од регионот, негови дежурни адвокати се трудат да го правдаат со теза дека тоа што Рама бара домашни предизборни поени преку брутално мешање во македонските процеси било од „пријателска природа“, вели техничкиот премиер Емил Димитриев на својот фејсбук-профил.

– Каква неодговорност од социјалист кој најотворено подгрева национализам! Додека владее конфузност кај политичари во соседството дали сакаат да поддржат навистина пријателски дух во регионот или не, сакам да им порачам дека ние, иднината на Македонија ја гледаме во Европската Унија и немаме дилема во однос на овој стратешки приоритет. Ваквите изјави не се во прилог на добрососедството и на градењето пријателски односи. Напротив, додаваат масло на огнот кој тлее и ги разгоруваат националистичките чувства кај сите поединечно. Дури и Европската Унија нема дилема дека иднината на државите од регионот е во ЕУ. Само Рама со неговиот тим ги има и очигледно мисли дека со неговите алтернативи добива предизборно и ги покрива домашните слабости – вели Димитриев.

Според техничкиот премиер, никакво територијално прекројување, обединување или разединување не е во насока на поголема стабилност и мир, ниту на просперитет.

– Секоја држава од регионот е суверена држава, a главна цел треба да ѝ биде зголемување на стандардот на граѓаните, во сопствените граници. Иднината на регионот не е во обединувањето на две држави или повеќе територии, туку иднината е во обединувањето на сите околу европските вредности во Европската Унија – додава Димитриев./META