Премиерот Емил Димитриев денеска од Штип упати апел до политичките партии, потписнички на Договорот од Пржино, да покажат максимална конструктивност во наоѓањето решение за излез од политичката криза.

Прашан за коментар на денешната заедничка изјава на амбасадорите на земјите членки на Европската Унија во Македонија, Димитриев рече оти се надева дека ќе дојде до лидерска средба и до епилог на кризата.

emil_dimitriev_telma

– Партиите разговараат и има контакти меѓу претставниците на политичките партии на разни теми. Јас се надевам дека кога ќе оценат самите партии дека постои суштина и оправданост, ќе дојде до лидерска средба. Како претседател на Владата, јас апелирам до сите партии да имаат максимална конструктивност за побргу да заврши оваа политичка криза, која има негативни последици и по економијата и во другите сфери од општественото живеење. Впрочем, и од она што го кажале амбасадорите, и меѓународната заедница очекува еден епилог на ова што се случува во Македонија веќе две години – изјави Димитриев.

Во врска со реализацијата на реформските приоритети, тој истакна дека законските решенија се веќе при крај, а два закони, за Народниот правобранител и за владиното рекламирање, ќе бидат разгледувани на денешната владина седница.

Евроамбасадорот Аиво Орав, придружуван од амбасадорите на земјите членки на ЕУ, денеска соопшти дека Европската Унија е длабоко загрижена поради политичката криза која наместо да се решава, се најде во ќор-сокак.

– Веруваме дека во интерес на земјата и на нејзиниот евроатлантски пат е главните политички партии да договорат заеднички начин за излез од кризата во следните денови, а не во следните недели или месеци – рече Орав.

МЕТА

Слични содржини