Димитров гo претстави планот „3-6-9“ во Центарот за европски политики во Брисел

од Vladimir Zorba

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, е во работна посета на Брисел каде ги промовираше реформските приоритети на новата влада во Центарот за европски политики.

Димитров на средбата информирал дека планот „3-6-9“ е всушност патоказ кој предвидува конкретна динамика на активности што треба да овозможат дофатлива европска перспектива.

– Нашите потфрлувања треба да бидат нотирани, но нашите успеси треба да бидат вреднувани. ЕУ може да направи квалитативен чекор и разлика во регионот. За да успее во таа цел, мора да понуди „стап“ кога ќе потфрлиме, но и „морков“ кога ќе заслужиме. Во меѓувреме, мора да останеме искрени и при наградувањето и при критикувањето. ЕУ треба да демонстрира лидерство во политиката кон Балканот. Тоа е и можно и нужно затоа што местото на Балканот е во ЕУ – истакна Димитров.

Тој додаде дека новата реформска влада е ориентирана кон иднината и дека ќе гради нов имиџ на модерна демократска држава, во која институциите постојат за граѓаните, а не за елитата.

Димитров утре ќе копретседава со Советот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и РМ, заедно со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседателка на Европската комисија, Федерика Могерини. На состанокот на Советот ќе учествуваат и заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, и еврокомесарот за соседска политика и за проширување, Јоханес Хан./Мета

Слични содржини