Димитров и Захариева: Договорот за добрососедство да влезе во сила што поскоро

од desk2

Договорот за пријателство со Република Македонија може да влезе во сила до крајот на годината. Најавата произлезе од денешните разговори на министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Никола Димитров и Екатерина Захариева во рамки на првата заедничка седница на владите на двете земји.

Двајцата министри изјавија дека ќе вложат напори парламентите на двете земји, што е можно поскоро да го ратификуваат договорот.

„Ја поздравуваме бугарската Влада што ја внесе ратификацијата на договорот во Народното собрание. Се надевам дека до крајот на годината или на почетокот од следната и ние ќе го ратификуваме“, изјави Димитров.

Бугарската министерка Захариева изјави дека се радува на заедничката седница на двете влади во Струмица.

„Многу се радувам што нашите влади се сретнаа денеска во Струмица зашто 18 години не сме имале меѓувладина седница“, рече Захариева.

Таа изрази оптимизам за европската интеграција на Балканот по поддршката од страна на Фредерика Могерини и Жан Клод Јункер кои, како што кажа, го посочија регионот како еден од најважните приоритети на ЕК.

Димитров и Захариева денеска потпишаа и Платформа за активирање на соработката меѓу двете министерства. Потпишувањето на Платформата е потврда на взаемната желба на двете држави за продлабочување и развој на добрососедските односи и воспоставување основа за соработка во области од взаемен интерес.

Со документот се предвидуваат редовни консултации на ниво на министерствата за надворешни работи и дипломатските претставништва. Една од целите на документот е да се создадат работни тела за следење на исполнувањето на договорот за пријателство, добрососедство и соработка.

Двете министерства за надворешни работи ќе работат и на синхронизирање на позитивните пораки и надминување на негативните ставови во јавноста.

Бугарската страна ја реафирмира готовноста за поддршка на Македонија во однос на стратешката цел за членство во ЕУ. Бугарија ќе ја сподели својата експертиза и искуство во областа на европските интеграции, вклучително и преку испраќање на експерти, организирање заеднички семинари и обуки.

Платформата предвидува и заеднички дејствија за справување со новите предизвици во однос на безбедноста. Двете држави ќе ја продлабочат соработката во областа на визната политика, граничната контрола и миграцијата. Двете министерства ќе вложуваат напори и за стимулирање на јавната дипломатија во сите форми, вклучително и преку заеднички проекти и учество на дипломати и вработени во министерствата на курсеви, семинари и обуки.

Слични содржини