На почетокот заедничката прес конференција по средбата меѓу шефовите на грчката и македонската дипломатија, македонскиот министер, Никола Димитров, имаше проблем со микрофонот поради што не можеше да го почне своето обраќање.

Се надевам нема трета партија која интервенира во нашите односи – рече Димитров на шега.

Тој му се обрати на неговиот колега со „драг Никос“ и рече дека имале конструктивен разговор пред прес конференцијата.

-Кога размислуваме за иднината тешко е да се најдат разлики, но за да се стигне до таму треба да ја надминеме актуелната разлика околу името. Задачата не е лесна, ова практично е втора вистинска средба на која разговараме за сите суштински елементи, Се работи за многу деликатен баланс. Половина ден размислувам што е важно за јавноста во Грција, а другата половина што е најважно за нас. Ако мало чекорче се направи во еден правец, целата равенка се поместува – рече Димитров.

Тој додаде дека двете страни се обидуваат да изградат доверба, но посочи дека смета оти се уште има предрасуди.

-Мислам дека и од другата страна, се надевам Никос тоа ќе го потврди, има вистинска желба ова да се надмине, на начин што нема да понижи никого. Најважно е да не се допираат вакви прашања, но тоа не помага, затоа ќе продолжиме – рече тој додавајќи дека следната недела ќе се остварат средби со посредство на медијаторот.