Димитров се обрати пред постојаните претставници на земјите учеснички во ОБСЕ

од desk4

Денеска, министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров се обрати пред Постојаните претставници на земјите учеснички во ОБСЕ во рамки на сесијата на Постојаниот совет на Организацијата.

Во рамките на своето отворено и позитивно обраќање, МНР Димитров го претстави оптимизмот кој завладеа во македонското општество после долгата криза, но и пораснатите очекувања на граѓаните како од новата Влада, така и од меѓународната заедница во насока на долгоочекуваната реализација на аспирациите за европска и евро-атлантска интеграција.

Притоа Министерот, ја нагласи важноста од искреното соочување со предизвиците кои постојат во едно општество и во тој контекст ја елаборираше реформската агенда содржана во Планот на Владата 3-6-9.

МНР Димитров беше реалистичен дека преточувањата на амбициозните планови нема да претставува лесен чекор, додавајќи дека ниту една голема и суштински позитивна амбиција не е лесна. Министерот пренесе силна решеност да се искористи новата шанса за конечно етаблирање на Македонија во семејството на развиените демократски општества.

Говорејќи поконкретно за преземањата и плановите на домашен план во поединечни области како: владеење на правото, изборен систем, силни, професионални институции, развој на здрави механизми на контрола, особено независно судство и слобода на медиуми, МНР Димитров се повика и на цитат од американскиот дипломат Адлај Стивенсон: “Слободните медиуми се мајка на сите слободи и на нашиот слободен напредок”

Исто така министерот даде приказ и на новата визија при негување на односите со соседите и потребата од развивање на пријателства и меѓусебно разбирање.

Обраќањето предизвика забележителен интерес, како од аспект на суштината, така и од аспект на непосредниот и искрен пристап, а воедно и беше поздравено од повеќе делегации, при што главните пораки беа со позитивен и охрабрувачки призвук. Дискусиите околу реформските амбиции на домашен план и надворешните аспирации на Македонија продолжија и за време на работниот ручек со група на амбасадори на земји учеснички во ОБСЕ и други меѓународни претставници, организиран во чест на Министерот од страна на австриското претседателство со Организацијата.

Министерот Никола Димитров за време на работната посета на ОБСЕ, оставри и средба со Генералниот секретар на Организацијата, Томас Гремингер, а воедно оствари и кусо видување со Специјалниот претставник на ОБСЕ за слобода на медиумите Харлем Дезир, при што беа разменети и мислења за идни активности и меѓусебната соработка и поддршка за реформските заложби на Владата.

Во рамки на работниот престој на Виена, Министерот се сретна и со Генералниот секретар во Министерството за наворешни работи на Република Австрија, Михаел Линхарт. На средбата која помина во пријателска и конструктивна атмосфера, стана збор за повеќе прашања од интерес на двете земји како: одличните билатерални односи, економската соработка, актуелните случувања на домашен план во двете земји, како и случувањата пошироко во регионот, гледишта околу миграциите и соработката меѓу двете земји во текот на мигрантската и бегалската криза во изминатите две години, Берлинскиот процес и приоритетите и плановите на австриското претседавање со Советот на ЕУ во втората половина на 2018 година. МНР Димитров, заблагодарувајќи се за досегашната поддршка од Австрија во контекст на европските аспирации на земјата, изрази надеж дека истата ќе продолжи и во иднина, за што беше изразено силно уверување од австриска страна, за која проширувањето на ЕУ ќе биде високо на агендата во рамки на нивното претседавање.

Слични содржини