Димитров – Захариева: Владите имаат капацитет да решаваат отворени прашања

од Vladimir Zorba

Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров и бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева попладнево констатираа дека денешното потпишување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји ќе отвори нови перспективи за односите и соработката меѓу двете држави.

Министрите, како што се вели во соопштението од македонското МНР, изразиле задоволство што владите на двете држави во пракса покажале дека имаат капацитет самостојно да решаваат отворени прашања, како и визија за заедничка европска и евроатлантска иднина, пример кој отвора нови перспективи за стабилен и интегриран регион.

– Денес е историски ден. Договорот е манифестација на цврстата волја да се решаваат отворените прашања и заедно да чекориме напред, кон иднината и Европската Унија. Договорот е инспирација за целиот регион – рече Димитров.
Министерката Захариева изразила благодарност до министерот Димитров и премиерот Заев, како и до тимовите кои работеа на Договорот.

– Јас цврсто убедена дека ако твоите соседи не се добро, ни ти нема да бидеш добро. Договорот е прв чекор за нештата што треба да ги градиме заедно. Ефектот од овој договор допрва ќе се мери – рече Захариева.

Таа исто така рече дека Бугарија е подготвена да и понуди експертска помош на Македонија за реформите кои претстојат и изрази надеж дека следната година Македонија конечно ќе има позитивен старт во преговарачкиот процес со ЕУ.

Слични содржини