Република Македонија благодарение на неодговорната и расипничка власт на Никола Груевски врати 24 милиони евра доделени неповратни средства од третата компонента на ИПА 1 фондовите наменети за регионален развој.

Ова се нови 24 милиони евра за коишто известуваме! Настрана оние 100-тина милиони евра од ИПА 2 програмата што ЕУ ги повлече и никогаш нема да стигнат во земјата. И во двата случаја се работи за пари што земјава не треба да ги враќа. И тоа во услови кога власта на Груевски и Ахмети во милиони евра ги задолжува граѓаните преку кредити и еврообврзници со огромни камати, изјави Лидија Димова, пратеничка на СДСМ.

– Овие 24 милиони евра коишто Владата морала да ги врати во Брисел биле наменети за за подобрување на патната инфраструктура по должината на регионалната мрежа на Југоисточна Европа од приоритетната оска 2 со чија помош се модернизира транспортната инфраструктура! За подобрување на инфраструктурата од приоритетната оска 3 за заштита на животната средина! Најголем дел од парите биле за инфраструктура за собирање и прочистување на отпадни води, а дел за воспоставување интегриран и финансиски одржлив систем за управување со цврстиот отпад. Македонија изгуби средствата и од техничката помош за подготовка на инвестициски проекти од приоритената оска 4! Во 2015 година земјава вратила 17 милиони евра неповратно доделени пари, на Брисел, а претходно, во 2014 година, моравме да вратиме околу 7.7 милиони евра. Тоа е вкупно 24 милиони евра отидени во неповрат. За жал. Не е тоа се. До крајот на 2017 година, може да се изгубат уште 12-тина милиони евра, со оглед на фактот дека министерствата покажаа ограничени капацитети за реализација на овие проекти – нагласи Димова.

Таа вели дека ова се случува во услови кога власта со Ребалансот на Буџетот прави пат на 450-милионското задолжување на граѓаните преку незаконската еврообврзница!

– Кога власта на Груевски ги задолжува граѓаните во милиони и на домашниот пазар! Кога подигнуваат кредити каде ќе стигнат, што треба да ги враќаат идни генерации! Власта на Груевски не сака неповратни сретства од ИПА фондовите за коишто постојат строги контроли. Груевски и соработниците сакаат кредити за да ги злоупотребуваат парите и да се богатат до рајските земји додека половина Македонија, 43.2 процента тоне во сиромаштија. Оваа власт заминува и оваа власт за се ова ќе одговара – вели Димова.

Слични содржини