Димовски: Ако договорот не е штетен ќе добијат поддршка и од Собранието и од јавноста

од desk2

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ од спикерот Талат Џафери бараат да се свика итна седница на Собранието на која ќе се разгледа договорот за добрососедство и соработка со Република Бугарија пред тој да биде потпишан.


„Ние не бараме дебата која ќе се случува во септември или октомври далеку после склучување и потпишување на ваков договор, туку бараме дебата отворена со приложен јавен нацрт договор пред потпишување на договорот со Бугарија“, рече Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.

Тој вели дека доколку не бидат вградени суштинските забелешки што ги дала опозицијата до претседателот на Владата Зоран Заев, тогаш овој договор ќе биде штетен за Република Македонија.

Го повика претседателот на Собранието Џафери да не ја одложува постапката за свикување итна седница заради тоа што, како што рече, на таков начин ќе биде и тој соучесник во процес кој што ќе е штетен за македонскиот народ и за Република Македонија и додаде дека токму тој не смее да се стави себеси во позиција во која што би заштитувал договор што е на штета на македонскиот народ.

„Ако договорот е добар и ако решава проблеми нема зошто да го кријат и ќе добијат поддршка и од Собранието и од сите граѓани. Криењето само по себе е јасна порака дека има нешто драстично проблематично во овој договор. Ние како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ имаме целосна намера да помогнеме процесот што се поврзува со нашата патека кон ЕУ и НАТО. Но, нема да дозволиме да бидеме алиби за штетни и погрешни политики на владејачкото мнозинство и Владата“, посочи Димовски.

Слични содржини