Димовски: Џафери дрско и арогантно го крши законот со најавата дека ќе се гласа за разрешување на Зврлевски

од Vladimir Zorba

Илија Димовски, кооординаторот на една од пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ вели дека најавата на Џафери дека ќе се гласа за предлогот на Владата за разрешување на Зврлевски, е „дрско и арогантно кршење на законот, до сега невидено во Македонија“, како и дека „одговорноста е најмногу на Џафери, а граѓаните ја гледаат и ќе ја казнат адекватно“.

– Тоа е спротивно на закон. Се крши Изборниот законик, а одговорноста е најмногу на Џафери.
Вакво дрско и арогантно кршење на закон до сега не е видено во Македонија. Граѓаните ја гледаат оваа дрскост и ќе ја казнат адекватно – вели Димовски за „Мета“.

Претседателот на парламентот Талат Џафери најави дека денеска ќе се гласа за предлогот на владата за разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлевски, откако вчера пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата повикувајќи се на писмото од Антикорупциската комисија која смета дека во периодот пред изборите не треба да се расправа и да се разрешуваат државни функционери.

– Денес утврдив дека е исцрпена листата на пријавени за збор и во продолжение на оваа седница утре ќе се гласа за предлогот на Владата за разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија – рече Џафери во изјава за ТВ21.

Џафери смета дека Државната комисија за спречување на корупција неовластено се обраќа до Собранието и го прекршува Деловникот за работа.

– Претседателот на Собранието, не се обрати до Државната комисија за спречување на корупција имајќи предвид дека автентичното толкување на одредени закони според Деловникот е надлежност на Собранието. Писмото на ДКСК не произведува формално-правни обврски кон мене и кон Собранието кое е највисок законодавен орган и не може да ја попречи работата на Собранието. Претседателот на Собранието не се обрати до оваа Комисија – рече Џафери на крајот на вчерашното продолжение на седницата.

Слични содржини