Во име на ВМРО ДПМНЕ, на денешната прес-конференција, Илија Димовски му упати на лидерот на СДСМ, Зоран Заев порака дека било готово со неговата, како што велат, штетна и погубна политика и стратегија.

илија
– Готово е господине Заев. Готово е со вашата штетна и погубна политика и стратегија. Очигледно е дека ниту вие, ниту вашата политичка партија нема што добро да и понуди на нашата држава и нашите граѓани. Тоа се гледа секој ден. Ниту еден креиран, сечен и монтиран материјал тоа не може да го промени. Вашата политика носи само штета на граѓаните, на сите, и на целата држава, рече Димовски пред новинарите во својата порака до Заев.

Димовски потенцираше дека граѓаните веќе го виделе тоа, а илјадници излегле на улиците за да му покажат на Заев дека “сценариото за дестабилизација“ немало да се реализира.

– Колку и да се обидувате со вашите неточни воведи да ја манипулирате јавноста и да пробувате да ја насочувате да размислува како што вие во СДСМ сакате и посакувате да ги осилувате вашите сопартијци, се повеќе станува јасно и од вашите креирани и сечени материјали како овие денешниве дека во ВМРО-ДПМНЕ има луѓе кои работат за својата земја и за својот народ, дека се трудат согласно законите да реализираат проекти кои ќе обезбедат вработувања на луѓето и економски развој на државата, на ефикасна и правична борба против корупцијата со проверка на сите факти и аргументи и санкционирање на прекршителите на законите, дека работат за подобри услови за развој на културата, позитивни меѓучовечки односи и надминување на недоразбирањата, дека сме луѓе кои се самокритични во функција на подобрување на ефикасноста на реализација на проектите од кои корист ќе има народот, понатаму рече Димовски.

Тој нагласи дека ВМРО ДПМНЕ граделе аеродроми, големи и мали хидроцентрали, донеле странски инвеститори кои отворале фабрики кај што се вработувале луѓе од сите нации и вери.

– Јасно е веќе и за најтврдокорниот поддржувач на СДСМ кој ги слуша овие креирани материјали, дека вашето сценарио за дестабилизација пропадна, дека немате никаков аргумент за наводен сторен криминал, и дека под ваше водство СДСМ се претвори во клуб на раскажувачи и оговарачи кој работи спротивно на интересите на државата. Затоа ја немате поддршката од граѓаните, што сигурно ви е јасно и од анкетите кои ги добивате во целиот овој период, изјави Димовски од ВМРО ДПМНЕ.

Тој го обвини Заев дека неговата политика и стратегија нанеле голема штета и пакост на Македонија.

– Вашата политика нанесе штета на меѓународниот углед на државата, на стопанската активност на претпријатијата, на меѓучовечките односи, на довербата помеѓу граѓаните од различни етнички и религиозни групи. Секој граѓанин на Македонија ја плаќа цената на вашата желба за власт. Таа одговорност ќе си ја носите со вас, и вие и они кои ве поддржуваат, и ќе ви тежи до крајот на вашата политичка кариера. ВМРО-ДПМНЕ е партија која работи во интерес на Република Македонија и во интерес на сите нејзини граѓани. Вашата желба за власт нема да го промени тоа, заклучи Димовски.

 

Слични содржини