Директорите на УБК и БЈБ ги чекаат мачни реформи

од Vladimir Zorba

Прв работен ден на новите директори на БЈБ и УБК. Горан Николовски и Лазо Велковски пред тешка задача. Тие сега треба да ги спроведат најавените реформи и да ги професионализираат двете тела на МВР кои го изгубија кредибилитетот со протекувањето на прислушкуваните разговори и со крвавиот упад во Собранието, информира ТВ24.

Според познавачите, новите директори во МВР треба да спроведат булдожер реформи и итно да преземат санкции за раководителите и старешините кои се посочени за одговорни за упадот во законодавниот дом.

„Директорите на овие две институции треба да ги забрзаат постапките во содејство со секторот за внатрешна контрола, за утврдување на одговорност, со што сами за себе ќе си отворат простор за да може да назначат и да постават професионалци на тие раководни позиции за да во иднина не ни се случуваат такви настани како на 27 април„ изјави Љубомир Ѓурчевски, поранешен началник на МВР.

Според Ѓурчевски, во БЈБ и УБК се партизирани и депрофесионализирани поради вработувањето кадри без обука и адекватно образование. УБК, според познавачите, е клучниот орган кој го сузбива или создава организираниот криминал.

„Проблемот со УБК е дотолку поизострен, што во последните години, особено по 2010 настана целосна партизација, односно почна да има вработување на лица кои не поминаа никакви соодветни обуки, туку директно се внесоа во насока да му служат на криминалот„  рече Ѓурчевски.

Службите мора да бидат професионални, но дали и понатаму ќе се прислушкува зависи од министерот – смета Ѓурчевски. Тој вели дека не очкува досегашната пракса на прислушкување да продолжи и со новите директори. Освен оперативните, екпертите бараат и законски реформи во секторот, бидејќи, како што велат, службите во МВР работат со испреплетени надлежности и несоодветни овластувања.

Најважните измени треба да се случат во криминалистичкиот оддел кој останува со полни раце работа. Голем дел од случаите останаа нерешени, токму поради неуспехот на службите да обезбедат релевантни докази.

Нерешени останаа и акцијата во Диво Насеље, како и случајот Монструм за петкратното убиство кај Смилковско езеро. Тие се само дел од случаите кои се заглавени во судовите, а службите под водство на новите директори треба да ги доистражат./извор ТВ24

Слични содржини