Министерство за образование: Секој треба да добие шанса да се запише на факултет
Владата на Република Македонија цени дека секој граѓанин што има интерес и афинитети, независно од финансиите со кои располага, треба да добие шанса да се запише на факултет во областа со која сака да се занимава и да стекне факултетска диплома. Понатаму, остварувањето на оваа цел, зависи лично од секој поединец и вложениот труд. Затоа и во изминатите неколку години работевме и значително ја подигнавме достапноста на високото образование во земјата. Ја намаливме и ја унифициравме партиципацијата за упис, воведовме проект за опфат на повозрасните граѓани што сакаат да студираат под одредени финансиски поволности, изградивме систем на стипендирање што нуди повеќе 40 различни видови стипендии.
Отворивме нови високообразовни установи што ја подигнаа меѓусебната конкуренција, а конкуренцијата во која било област иницира квалитет на понудата. Отворивме и дисперзирани студии во 16 различни града, кои се активираат во зависност од интересот, но и од потребата на пазарот на трудот од кадрите што ги продуцираат.
На овие дисперзирани студии секоја година се запишуваат околу 2.500 студенти, односно околу 15% од вкупниот број на студентите во една генерација. Овие студенти, наместо да патуваат, да се преселуваат и слично, можноста за студирање по исти студиски програми од кои се учи и на факултетите од каде што се изведени дисперзиите и преку предавања од истите професори, им е достапна во родниот крај или во непосредна близина, што пак е добро за демографијата и за економскиот просперитет на помалите градови и населени места во земјата.
Но дали е логично ако дисперзираните студии биле прогласени за успех на Владата, сега Владата сама да се демантира?
„Тие дисперзирани студии може да се наречат успешни ако сегашнава влада може тоа да го прогласи како успех. Има такви работи, познато е дека многу од студиските програми беа затворени. Многу беа редуцирани, и тоа ќе биде нормален процес, дури и кога имало некакво оправдување да се проба, со тек на времето, по утврдувањето дека се намалени потребите, таквите студии се затвораат“, вели професорот Новковски.
Професорскиот кадар за дисперзираните студии е посебна приказна. Некои од нив не само што не можат да го покријат матичниот факултет, туку се оптоварени со патувања низ земјава. Неделно минуваат неколку стотици километри и пак не можат целосно да ги опслужат студентите.
„Тоа мислам дека е непознато во светската практика. Секаде прашував, не е познато. Факт е дека се отвораат и многу приватни факултети, ама тоа е друго, тоа е ризик на оној што отвора. Но дури и да си приватник, не може во секакви услови да се нарекуваш универзитет или факултет“, заклучува професорот Поповски.
Жана П. Божиновска
Подготовката на oваа публикација беше овозможена со поддршка од Британска амбасада Скопје, во рамките на проектот „Информирај се и дејствувај – за подобро образование”. Мислењата и ставовите наведени во оваа публикација не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската амбасада.
МКД.мк