До петок вечер договор за составот на Владата

од Vladimir Zorba

Најдоцна до утревечер се очекува да финишираат разговорите за состав на нова влада. Во СДСМ се надеваат дека договорот ќе биде постигнат до нивниот партиски Конгрес, кој ќе се одржи во сабота, на 27 мај , пишува DW.

Mazedonien Gebäude Regierung (DW/P. Stojanovsk)

Од продолжението на разговорите со Движењето “Беса“ и со Алијанса за Албанците ќе зависи како ќе изгледа финалниот состав на владиниот кабинет и дали сите партии од парламентарното мнозинство ќе учествуваат во владата. Од СДСМ се надеваат дека целиот процес ќе заврши до петок вечер. Петок неформално се смета за последен ден, бидејќи, како што е веќе најавено, во сабота на 27 мај, социјалдемократите треба да одржат партиски Конгрес. Во зависност од тоа дали некои актуелни партиски функционери на СДСМ ќе влезат во владиниот кабинет, се очекува на Конгресот други кадри да бидат именувани на одредени партиски функции. Ова се однесува и на функцијата Генерален секретар на СДСМ, доколку Оливер Спасовски биде предложен да раководи со ресорот МВР. Сепак, нагласуваат дека одржувањето на Конгресот нема да ги стави под притсок разговорите за состав на Владата, доколку е потребно дополнително усогласување и во текот на викендот.

На прашањето до каде се преговорите за формирање на новата влада и дали „Беса“ ќе биде дел од власта, синоќа во Брисел лидерот на СДСМ за Дојче веле изјави дека со другите партии се многу поблиску до распределбата на ресорите.

„Со ‘Беса’ се уште не сме стигнале да разговараме за кадрите, се уште разговараме за ресорите, вкупниот број, за пропорциите и одговорноста. Верувам дека многу брзо ќе дојдеме да разговараме и за имиња. Сите лидери заклучивме дека ќе се обидеме до крајот на неделата да го доставиме предлогот за влада во Собранието. Луѓето очекуваат резултати, очекуваат подобрувања, започнување на реформите. Согласно Деловникот, дебатата во Собранието трае 48 часа тоа значи дека на почетокот на следната седница би требало да има нова влада“, рече Заев.

Mazedonien Sozialdemokraten Abhörskandal (Petr Stojanovski)

Клучен принцип

Од „Беса“ велат дека освен за клучните принципи на соработка во владата, досега не е започнат разговор за ресори и кадровски предлози. Меѓу другите принципи, основниот на кој тие инсистираат – е во владата да нема кадри засегнати од кривични истраги на СЈО или ЈО, односно политичари искомпромитирани во досегашното владеење. Овој став на тест го става лидерот на ДУИ кој, од една страна треба да предложи искусни кадри подготвени за тешките реформски предизвици, а сепак тоа да не се лица поради чиј „минат труд“ во изминатите 9 години би можеле да бидат предмет на истрага. Но, и самиот Ахмети, заедно со поранешниот вицепремиер за спроведување на рамковниот договор, Муса Џафери, денеска треба да се појават на рочиште во Основниот суд – Скопје 2, за тужбата за клевета што двајцата ја покренаа за сведочење дадено против нив во судот во Њујорк за случајот „Маѓар Телеком“. Во финишот на разговорите за нова влада, овој мега-случај ја доведува во прашање и позицијата од која Ахмети ќе учествува во решавањето за избор на неискомпромитирани кадри. Засега од ДУИ се воздржуваат од спомнување на кадровски адути. Единствено потпретседателката на ДУИ и градоначалничка на Тетово, Теута Арифи, чие име се спомнува во министерските комбинаторики, на прашање од медиумите изјави дека партијата треба да го изнесе ставот дали таа ќе се бори за нов мандат во локалната власт или ќе биде дел од централната власт.

Реформски приоритети

Засега сите партии тврдат дека најголемото внимание е насочено кон програмата на реформската влада. Истото го тврди и Ахмети, кој завчера изјави дека Декларацијата што ја потпишаа албанските партии нема целосно да биде вклучена во програмата на новата Влада, туку само нејзините најважни аспекти за големите реформски приоритети, бидејќи „за тоа има многу реални и искрени причини“.

„Таа Декларација е за доброто на Македонија и регионот и има многу круцијални нешта како што е влезот на Македонија во НАТО и ЕУ, економски развој, рамномерен развој на регионите, така што нема ништо лошо во неа, зошто главните нешта на таа декларација се опфатени и во владината програма“, рече Ахмети.

Ali Ahmeti mazedonischer Politiker in Berlin (DW/S.Padori-Klenke)

Тој потенцираше дека сите аспекти од Декларацијата ќе бидат отворени за дебата и нема да се држат во тајност, бидејќи не претставуваат никаква закана за Македонија. Притоа најави дека ќе има промена во Министерството за образование, што имплицира дека ДУИ повеќе нема да раководи со тој ресор, но се уште е најасно дали ќе биде раководен од кадар на СДСМ или од друг коалициски партнер. Ахмети потврди и дека со Министерството за здравство ќе раководи кадар од албанските партии, но не прецизираше дали тој кадар ќе биде од ДУИ. Изборот ќе зависи од разговорите со „Беса“, но и со Алијансата за Албанците, која неофицијално типува на ресорот здравство. Оваа коалиција по првичните разговори со Заев, потврди дека продолжува со разговорите за учество во владата. Иако лидерот на СДСМ вчера беше во официјална посета на Брисел, работните групи на партиите продолжија со усогласување на ставовите. Се шпекулира дека покрај ресорот финансии, за чиј раководител како најсериозен кандидат се спомнува Драган Тевдовски, на СДСМ би можел да и припадне и ресорот економија со кој досега раководеа кадри од ДУИ, а интегративците да го преземат раководењето со ресорот транспорт и врски. Но, сето ова и натаму останува во сферата на шпекулации, се додека не се постигне финален меѓупартиски договор. Дали тој ќе биде трипартитен или четирипартитен, ќе се знае најдоцна до петок вечер. Дотогаш  се очекува да биде донесена одлуката на „Беса“, откако денеска ќе ги продолжат разговорите во работните групи, но и со лидерот на СДСМ по неговото враќање од Брисел./DW

Заев во Брисел – Со кого се ќе се сретне?

 

 

Слични содржини