До вторник, на веб страницата на ДИК ќе бидат објавени имињата на спорните записи во Избирачкиот список. Се работи за 39 илјади 502-ца гласачи кај кои при административната проверка се добиени различни или невозможни податоци, а при теренската проверка, луѓето не се пронајдени, пренесува Телма.

izbiracki-spisok[1]

Сега ДИК треба не само јавно да ги посочи, туку и да ги повика, доколку имаат валидни документи, да се јават во ДИК или во подрачните одделенија лично или по електронски пат, за да докажат дека имаат избирачко право.

Државната комисија ќе подготви упатства, формулар за пријавување и ќе објави јавен повик на својата страница, како и на страниците на дипломатско-конзуларните претставништва, за да може да прочитаат и оние македонски државјани кои живеат во странство.

Рокот за пријавување е 25 дена. Овие нови задолженија ДИК ги презема со денешното објавување во Службен весник на измените на Изборниот законик, кои пратениците ги изгласаа околу полноќ.

Процедурата што четирите партии ја договорија, а Собранието ја озакони, подразбира уште неколку заштитни механизми. Доколку три или повеќе члена на ДИК се посомневаат дека пријавата не е точна, во рок од 10 дена може да го побараат лицето да се појави лично, а ако живее во странство, да остварат со него видео-конференциска врска.

Доколку во претстојниот период од вкупно 35 дена, не се утврди избирачкото право, овие граѓани нема да се најдат во Избирачкиот список по кој ќе се гласа на предвремените избори во декември.

Вкрстените проверки што ДИК ги спроведуваше пролетта, покажаа дека 171 илјада и 500 лица немаат никаква активност во земјава – не плаќаат данок, не користат здравствено и социјално осигурување, банковните сметки им мируваат, и не бараат работа, по што беше заклучено дека се во странство. Тие неспорно имаат избирачко право, но покрај нивните имиња во Избирачкиот список ќе стои ѕвездичка, за да биде нивниот глас заштитен од злоупотреба.

Во согласност Договорот по Пржинските преговори, Изборниот законик треба да се отвори уште еднаш: до 4 август треба да се внесе потребата од формирање ад-хок тело кое ќе ги набљудува медиумите во период од 100 дена пред изборите.

Наредниве десетина дена, треба да се менуваат и Законот за Влада, за Внатрешни работи, за Аудио-визуелни медиумски услуги, кои веќе имаат нацрт верзии. Од ВМРО ДПМНЕ инсистираа да бидат донесени уште вчера, но опозицијата успори: чекор по чекор.

Слични содржини