Добрососедство!: Преговараме со Владата, а не со партии вели Софија, а тие пак им спремаат „дочек“во Скопје

од Vladimir Zorba

„Бугарија нежно го засили тонот кон Македонија по повод Договорот за добрососедство, кој треба да биде потпишан на 2 август при прославата на Илинденското востание“, пишува бугарскиот весник „Сега“, објавувајќи ги реакциите по ставовите на македонската опозиција за „утврдени слабости“ во текстот на Договорот.

 „Текстот е финализиран и нашата земја нема намера да води нови преговори“, изјави вицепремиерката и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, во интервју на бугарската државна телевизија. Според неа, топката сега е во Скопје, каде што треба да одлучат дали „да продолжат да бидат изолирани 11 година од соседите и од светот, правејќи се многу големи, или сакаат да имаат европски развој“.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која претходно даде пет препораки за подобрување на Договорот, со цел да се надминат утврдените слабости и тој да не биде штетен за интересите на Македонија, вчера изрази разочарување од изјавата на Захариева дека текстот „е затворен“.

„За бугарскиот премиер ќе биде победа што ќе потпише договор во кој што го нема терминот македонски народ, ни според Уставот на Република Македонија, ни без Уставот на Република Македонија. За македонскиот премиер и за Република Македонија како држава ќе биде пораз доколку биде потпишан текст каде што не се признава македонскиот народ како конститутивен народ во Република Македонија“, рече пратеникот Антонио Милошоски.

„Не водиме преговори со партии, водиме преговори со Владата“, изјави Захариева одговарајќи на прашања поврзани со реакциите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Таа потсети дека Договорот се темели на Декларацијата од 1999 година и ќе биде потпишан на македонски јазик согласно со Уставот на РМ и на бугарски согласно Уставот на таа земја.

„Договорите не признаваат ниту јазици, ниту народи“, вели Захариева и најави дека комисија од историчари и научници од двете држави ќе работат на подобрување на наставните програми.


Хероите заслужуваат универзална почит

Во јавната полемика се вклучија и голем бугарски и македонски историчари. Дел се осврнуваат на критиките во Македонија дека Бугарија нема право да го слави Илиденското востание кое е исклучиво македонско, па нудат обемна историска аргументација против таа теза. Други се посветени исклучиво на иднината и на можностите за поголема соработка на секој план.

„Добро е што беше ‘отворена врата’ за заедничка прослава на Илинденското востание меѓу Бугарија и Македонија, бидејќи хероите треба да бидат почитувани“, вели д-р Александар Гребенаров, претседател на Македонскиот научен институт. Тој објаснува дека во 2000-та година лично бил во Крушево, а пред тоа и со делегација научници од бугарската Академија на науките, кои имале заедничка конференција со претставниците на МАНУ.

„Овие работи (соработка и заеднички прослави на историски датуми – н.з), кои можеби сега се запишани во Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Македонија, постоеја и во претходно, но можеби не толку интензивно. Нема ништо лошо и не мислам дека се случило нешто лошо. Јас ја поддржувам идејата за чести средби меѓу историчарите и лингвистите, за да видиме каде се спорните проблеми и евентуално да се обидеме да го решиме некој од нив. Јас сум ‘за’ такви средби и прослави, едноставно затоа нашите херои не заслужуваат јазик на омразата, туку универзално почитување“, вели Гребенаров.

„Ако договорот е штетен за Бугарија, тоа значи дека е корисен за Македонија. Но, и во Македонија опозицијата критикува дека е штетен. Ова е апсурд. Како може еден договор да е штетен истовремено и за двете земји?“, се вели во еден од коментарите на социјалните мрежи.

 

Еднакво среќни и несреќни

Можеби шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, го има точниот одговор.

„Со Бугарија постигнавме компромис, во кој двете страни се еднакво среќни и еднакво несреќни“, изјави тој за ТВ „24“, најавувајќи дека јавноста ќе има увид и време да дебатира за договорот.

„Но, има овде едно големо лицемерие. Тој договор е преговаран, а самиот текст ѝ е добро познат на опозицијата, бидејќи тие го преговарале 5-6 години. Ние го преговараме 50 дена или активно 30 дена. Потребата од тој договор е резултат на лошите односи што сме ги имале со Бугарија. Не сакам никого да обвинувам, но факт е дека поради влошените односи настанала потребата да има договор за пријателство. Многу е лицемерно тие што ја создадоа потребата да има ваков договор, сега да бидат главните рецензенти и критичари“, потенцира  Димитров.

Тој се осврна и на националниот интерес на Република Македонија во однос на договорот.

„Ако можеме од Бугарија да направиме голем поддржувач на нашите интеграции, дали тоа треба да го направиме или не? Договорот нема да биде никакво изненадување кога ќе се потпише, дури ни за тие што го преговарале 6 години, туку ни за јавноста бидејќи во голем дел основата е Декларацијата (од 1999 година – н.з.). Државен интерес на Македонија е да направи пријател од Бугарија на достоинствен начин“, рече шефот на македонската дипломатија.

Националистички кругови јавно пласираат тези дека Договорот ќе биде „добрососедски безвредна хартија“, а неофицијално се шират информации дека се планираат разни сценарија за „дочек“ за бугарските политичари доколку се одржи заедничка прослава на Илинден. Ваквите подготовки се спроведувале во координација меѓу една партија и т.н. македонски патриотски здруженија.

 DW.COM

Слични содржини