Партиите учеснички во преговорите за медиумите денеска се без идеја што понатаму ќе се случува откако синоќа пропадна и последниот обид за реформи во оваа сфера.

Единствено, информација на „Нетпрес“ дека денеска повторно ќе продолжат прегoворите за медиумите покажува дека процесот можеби не е мртов.

Mediumi, kamermani vo Vlada

Mediumi, kamermani vo Vlada

Од СДСМ, пак, велат дека оваа информација е шпекулација и немаат сознанија што денеска ќе донесе денот.

Од ВМРО-ДПМНЕ се категорични дека законот предложен од белгискиот олеснувач Питер Ванхауте е неприлагодлив во македонски услови, а СДСМ не сака да попушти без реформи во Агенцијата за медиуми.

Од владејачката партија велат дека тоа нема да влијае на закажаниот термин за избори.

– Во закон стои дека избори ќе има на 24 април. Не знам што би можело да се смени за неколку дена, кога законот ќе стапи на сила – изјави за „Мета“ Иво Котевски, директор на Центарот за комуникација на ВМРО-ДПМНЕ.

Белгискиот посредник Питер Ванхауте вчеравечер потврди дека партиите потписнички на Договорот од Пржино не постигнале договор по прашањето за регулацијата на медиумите.

– Интензивно преговаравме два дена и тоа што можам да го потврдам во моментов е дека договор не е постигнат – рече Ванхауте.

Ванхауте пак им твитна: Демократијата бара здрав разум!

Одговарајќи на новинарско прашање кој е виновен за пропаѓањето на преговорите за медиумите, Ванхауте рече дека во нив учествуваа четирите партии и дека сите имаат одговорност за неуспехот.

Како што рече белгискиот олеснувач, неуспехот на партиите да постигнат договор за медиумите ќе влијае на оцената што амбасадорите на Европската унија и на САД во земјава треба да ја соопштат денеска околу тоа дали се исполнети условите за одржување на предвремените парламентарни избори на 24 април.

На својот твитер-профил, Ванхауте напиша: „Не е постигнат договор за медиумите. Не се закажани понатамошни преговори, освен ако партиите не го побараат тоа. Остануваме на располагање за понатамошни дискусии“.

Утринава Ванхауте повторно објави твит во кој стои: „Демократијата бара компромис, бара разумни луѓе, бара здрав разум, бара способни политичари и бара служење на народот“.

Слични содржини