Дојде на ред! Ќе се расправа за разрешувањето на јавниот обвинител Зврлевски

од Vladimir Zorba

С Собранието на Република Македонија денеска на продолжението на шестата седница треба да ја почне расправата за Предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски.

Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера ја отвори оваа точка и најави дека за збор се пријавени голем број пратеници, по што ја прекина седницата и нејзиното продолжение го закажа за денеска во 11 часот.

Предлогот Зврлевски да биде разрешен од функцијата јавен обвинител е поднесен од Владата на РМ поради, како што се наведува во образложението, незаконито, ненавремено и недоволно стручно вршење на функцијата. Исто така, во документот се наведува и дека Зврлевски со своето однесување и дејствување покажал дека не е способен за извршување на функцијата, како и поради тоа што не поднел барање за покренување кривична постапка за случаи предвидени со закон и нарушување на угледот на функцијата.

Барањето за разрешување, Владата го достави и до Советот на јавни обвинители којшто на седница го прифати предлогот за разрешување на Зврлевски.

Ако Собранието не го разреши државниот обвинител Марко Зврлевски до 17 јули, името на неговиот наследник ќе се знае дури наесен, кога треба да се одржат локалните избори. Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера ја отвори точката од дневниот ред за разрешување на Зврлевски, но за дискусија пријавени се околу 90 пратеници. Поради големиот број дискутанти, а и поради десетте пратенички групи, формирани од опозициските пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, дебатата за разрешувањето на Зврлевски може да се одолговлекува и да не заврши до 17 јули, кога на седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет ќе се расправа за ребалансот на буџетот, усвоен во петокот на владина седница. Според Деловникот, кога започнува  расправа за ребалансот на буџетот, прекинуваат сите други седници на Собраниет на РМ.

„Тоа значи дека до понеделник 17 јули, кога е закажана расправата на Комисијата за финансирање и буџет, мора да се разреши Зврлевски. Ако не се стигне, тогаш името на новиот Јавен обвинител ќе се знае дури наесен, освен ако претходно нема договор да се откажат пратеници од дискусиите, па да се стигнат роковите“, велат пратеници од владејачкото мнозинство.

На дневен ред на шестата собраниска седница се и предлог-измените на Законот за работните односи поднесени од Нола Исмајлоска, Магдалена Манаскова и Весна Пемова и годишните извештаи за работата на повеќе институции. Пратениците треба да расправаат и за состојбата со дивата депонија во Струга, предлог поднесен од група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

Слични содржини