Дојранчани утре ќе се изјаснуваат дали се за или против рудници во нивната општина, оти се плашат дека Казандол но и потенцијалниот Башибоз на Беласица се закана за екоземјоделството, туризмот но и за Езерото кое веќе преживеа една еколошка катастрофа. Референдумот е по барање на граѓаните, откако дознаа дека можни се последици од функционирањето на комплексот Казандол кај Валандово, но и дека е доделена концесија за детални геолошки истражувања на локацијата Башибоз-Бајрамос над селото Николиќ, десетина километри од езерото.

Според информациите од претседателот на Општинската изборна комисија Митко Андонов, на утрешниот референдум, право на глас имаат 2.746 граѓани кои ќе се изјаснуваат на осум гласачки места по две прашања и тоа: „Дали сте за или против отварање рудници за металични минерални суровини“ и „Дали сте за или против продолжување со работата на рударскиот комплекс Казандол“. За да успее референдумот во Дојран ќе треба да излезат минимум околу 1.380 граѓани.

Јован Џалев од граѓанската иницијатива, смета дека жителите на Дојран како и сите во земјава имаат право на изјаснување, право кое им се загарантирано со Уставот, а тоа е здрава и чиста животна средина. Според него, граѓаните не биле информирани за можните последици од отварање рудници во Југоистокот.

„Не е фер од Казандол некој да заработува 20 милиони евра годишно, а нам да ни остане јаловината, прашината и загадени води. Но не е само Казандол, имаме проблем со уште еден рудник и тоа на Беласица над селото Николиќ. Замислете, доколку тој се изгради над Езерото ќе виси брана со јаловина“, вели Џалев, кој беше еден од гласните активисти и во Богданци.

Иако градоначалникот на Дојран Борче Стамов не ја потпишуваше одлуката за референдум, сепак тој ќе се одржи утре среде туристичка сезона, бидејки советниците на неколку седници ја потврдуваа веќе изгласаната одлука за референдумско изјаснување.

Дојран е третата општина во Југоистокот што на референдум ќе се изјаснува против рудници. Гевгелија и Богданци масовно гласаа против и побараа да се стопира изградбата на комплексот Казандол./СДК

Слични содржини