Претседателот Иванов продолжи да ја шокира јавноста со неочекувани говори и постапки. Досегашниот стил му беше: фрли бомба со говор, па премини во напад со дејство. По аналогија, по овој шокантен говор за загрозеноста на Македонија од внатрешни и надворешни непријатели, би можеле да очекуваме да прогласи воена состојба и да ја извади Армијата на улица!?

timthumb (2)

Сугерираме да не влегува во таква авантура, зашто дури тогаш ќе биде загрозена Македонија, нејзиниот интегритет и стабилност! Да не ги заплашува граѓаните со измислени безбедносни закани, зашто најголемата закана се мала група политичари од власта, кои шират гласини, манипулираат и вршат притисок, со цел да ја избегнат правдата.

Иванов повторно настапи како партиски лидер, а не како државник. Фрли семе на раздор помеѓу граѓаните со различна партиска определба, прогласувајќи ја владејачката партија за спасителка на земјата, а сите други за непријатели. И ова го гледаме како смислена провокација, за да предизвика нечија жестока реакција, по што би имал оправдание за евентуално воведување воена состојба!
Го потсетуваме на членот 124 од Уставот на Република Македонија, каде Собранието со двотретинско мнозинство може да распише воена состојба, на предлог на Претседателот. По исклучок, тој самиот одлучува за ова прашање, само во случај кога Собранието не работи.

И веќе не е важно дали е претседателот Иванов несвесно изманипулиран од безбедносните служби и својот кабинет, или самиот свесно манипулира. Ова што го прави и ова што најавува дека може да го направи, е премногу сериозно и опасно. Затоа му порачуваме да се оттргне од максимата „Државата, тоа сум јас!“, да се врати во реалноста и да си даде оставка, посочуваат од ДОМ.

Слични содржини