Донесен законот со кој се укинува радиодифузната такса

од Vladimir Zorba

Собранието на Република Македонија денеска го донесе законот со кој се укинува плаќањето на радиодифузната такса.

Измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги беа донесени по скратена постапка.

Со законот се предвидува приходот, што досега го добиваше МРТ преку собирање на оваа давачка, да се финансира од државниот Буџет и тоа во износ од 0,5 проценти од вредноста на Буџетот на годишно ниво. За таа цел потребно е да се одвојат 885 милиони денари на годишно ниво од Буџетот на Република Македонија за 2018 година. Покрај од Буџетот, МРТ ќе се финансира и од други средства, односно од приходи на кабелските оператори и од приходи остварени со продажбата на програма произведена во МРТ.

 Пратеникот Томислав Тунтев, кој е еден од предлагачите на законот, истакна дека со ваквото законско решение ќе се ослободат граѓаните од една непотребна давачка, а од друга страна ќе се зголеми ефикасноста во работата на МРТВ.

– Не секогаш беа собирани сите средства. Сведоци бевме на финансиска дупка од пред две години на МРТВ. Ова е начинот кој ние го предлагаме за да ги ослободимје граѓаните од една неприродна давачка и да се зголеми ефикасноста во работата и функционирањето на јавниот радиодифузен сервис, рече Тунтев.

Радиодифузната такса беше воведена во 2005 година.

Слични содржини