По неколку недели преговарања, политичките партии потписники на Договорот од Пржино во петокот во раните утрински часови постигнаа договор по сите точки од договорот од 2 јуни/15 јули, кој треба да почне да се применува од утре.

lideri-sredba

Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи заедно со нивните тимови ги договорија Изборниот законик, надлежностите на ДИК, Законот за влада, Законот за приватност и Законот за „свиркачи“ кои од понеделник треба да се изгласаат во Собрание и да започнат да се имплементираат.

Централниот одбор на СДСМ во петокот вечерта едногласно им дал поддршка на сите номинации за министри и за заменици-министри: Оливер Спасовски за министер за внатрешни работи, Фросина Ременски за министерка за труд и социјална политика, Александар Кирацовски за заменик-министер за информатичко општество и администрација, Кире Наумов за заменик-министер за финансии и Љупчо Николовски за заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Собранието за утре во 12 часот има закажно продолжение на 71 седница на која на дневен ред се уште ги нема законите договорени помеѓу четирите политички партии.

Генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, кој ќе биде министер за внатрешни работи во преодната влада, вчера при посета на граѓаните на Гостивар рече дека очекува оваа недела да седне на министерското столче и да започне со работа.

– Најверојатно понеделник треба да се одржи седницата, можеби вторник, но тоа зависи од претседателот на собранието Трајко Вељановски и тоа му го оставам нему. Дозволете да заврши изборот и понатаму ќе седнеме ќе разговараме пред се со медиумите и граѓаните за сите прашања кои ќе ги превземам во МВР – рече Спасовски.

Од утре со работа официјално треба да почне и Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева чиј тим од 12 помошници-јавни обвинители беше комплетиран во четвртокот откако Советот на јавни обвинители и одобри дополнителни пет обвинители.

Освен имплементацијата на Договорот од Пржино, Македонија оваа недела го очекува и извештајот од Европската комисија за напредокот кој треба да покаже дали Македонија ќе ја добие или загуби препораката за отпочнување преговори со Европската унија.

 

МЕТА

Слични содржини