Доста е бре од будалаштини

од Vladimir Zorba

Чесно е да не го правиш она за што ги критикуваш другите. Доблесно е да ја зборуваш вистината или барем она што си убеден дека е вистина. Паметно е да знаеш барем нешто од она за што зборуваш. Препорачливо е да не ти го нашишале други она што го зборуваш бидејќи стануваш папагал.


Во мигот кога ја најавив намерата да конкурирам за јавен обвинител на Република Македонија почнаа и критиките и лепењата на етикети, напади јавни и помалку јавни, спинувања и измислувања. И сето тоа не ми пречи, некако се навикнавме секој да може да каже и измисли што сака, а и моето убедување е дека слободата на говорот и мислењето се најголеми придобивки за кои и самиот се борев.
Но она што ми пречи е тенденциозноста, измислувањето и паушалноста.
Господинот од ВМРО во текстот кој го постирав се обидува да ме прикаже како полтрон на СДСМ и како човек кој е против ВМРО. Истото се обиде да го направи и Курир во еден свој текст. Последниот обид е на пратеничката Честојанова која од собраниска говорница ме прикажала на ист начин додавајќи дека сакам да седнам на столчето на Марко Зврлевски.
Е ајде вака јавно да ви кажам неколку работи. Не сум член на СДСМ ниту се борам за СДСМ ниту учествував во Шарената револуција за да дојде СДСМ на власт.
Се борев за владеење на право, еднаквост пред законот за сите и одговорност за секого кој сторил кривично дело. Впрочем ако ги прочитате моите постови, интервјуа и дебатите ќе ви стане јасно за што се борам.
Второ, не се борам против ВМРО и никаде не сум ја нападнал оваа партија, со ниту еден збор. Сум се борел и ќе се борам против луѓето за кои постои сомневање дека сториле сериозни кривични дела а кои се задскриваат зад политичка партија а таквите како вас полтронски ги штитат и со зборови, изјави и насилие. Ако за вас, осомничените за криминал и тоа осомничени од обвинител кои вие како партија го избравте, ја претставуваат целата ваша партија и ако незнаете да ги раздвоите овие две работи, тогаш навистина имате проблем и во партијата и во вашите глави.
Трето, не јас не сакам да седнам на столчето на Марко. Тоа столче не е наследно и не е приватизирано па да е на Марко. Но таквото присвојување на државните и јавни функции ви го покажува менталниот склоп.
Јас сакам да седнам на столчето на јавниот обвинител на РМ и да го направам она за што од секогаш сум се борел- секој да биде изведен пред лицето на правдата без оглед дали е член на СДСМ, ДУИ, ВМРО.., без оглед дали е функционер, инженер, судија,
лекар, пекар.
Ако даде Господ да бидам избран ќе ви стане јасно за што зборувам и едно можам да ветам дека разлики и привилегии нема да има ама баш никој. Доста е бре од будалаштини.

Ѕвонко Давидовиќ

Слични содржини