Драгоцената архивска граѓа пропаѓа-Ни мртвите ќе бидат мртви ниту живите во Македонија ќе бидат живи!?

од Vladimir Zorba

  Секој народ си има своја душа, своја болка и свои зборови. Ако се уништат документи од Архивот на Македонија поради префрлањето во несоодветните простории, тогаш ќе го снема и нашиот извод од матичната книга на родени држави.

Така коментираат вработени во Државниот архив чии простории со проектот Скопје 2014 сега се наоѓаат во зградата каде се и Археолошкиот музеј и Уставниот суд.

Ниту биле прашани ниту некој ги послушал кога укажувале дека новите простории се добри само за „преименување соѕвездија“, а не дека се според светските стандарди за aрхив.

Една бесмислена бирократска одлука на поранешната влада може да ја доведе до состојба институцијата да не може да ја извршува основната дејност.

– Ако останеме во оваа зграда не-зграда за архив, тогаш ни мртвите ќе бидат мртви ниту живите во Македонија ќе бидат живи. Ќе не снема во Македонија. Се надеваме дека овој премиер има слух да не врати во зградата каде бевме и да не мора да ја продолжува лошата политика на претходната влада, вели вработен во Архивот.

– За да успее злото од потегот на претходната власт за Архивот, сегашнава влада не мора да прави ништо, додава тој.

Со одлука на претходната влада од февруари 2012 година Архивот на Македонија е префрлен од локацијата на „интелектуалното јадро“ во Скопје во зградата на Археолошкиот музеј, на последните – шести и седми спрат. Стариот објект изграден пред 49 години (1969), бил наградуван и посочуван како пример за институција што применува светски стандарди за архивско работење.

Во Архивот се чува архивски материјал создаден од највисоките државни органии јавни институции, фондови од сите општествени дејности како и огромна колекција на лични фондови од познати јавни личности од доменот на политиката, науката, културата, уметноста,спортот….

– Сега сме во простории што се во целосна спротивност со светските стандарди за архивско работење – како за вработените така и за архивскиот материјал така и за корисниците за него. Со тоа целосно е маргинализирана основната функција на Архивот, велат наши соговорници кои работат долги години во Архивот.

– Овде не може да се чуваат архивски материјали. Влага има откако не префрлија, ќе ги удавиме документите. Или ќе се уништат сами, вели еден од вработените.

Во Архивот се чуваат и материјали од сите истражувања во странски архиви, претежно дипломатски документи, што го покриваат недостигот од оригинални документи до 1944 година. Архивот е формиран во 1951 година и функционира како самостоен орган на државна управа со централен дел и девет подрачни одделенија, кои во целост ја покриваат територијата на државата во поглед на архивско работење.

Во сегашниот простор корисниците мора да чекаат со денови за да ги користат побараните фондови кои се уште се во старото депо, а читалната е мал несоодветно осветлен и непрегледен простор во кој и речиси не доаѓаат истражувачи поради несоодветните услови за користење на документите.

Со доаѓањето во новите простории бројот на корисници од 2000 е намален на само 200 и секоја година се намалува. Лани, во полугодишниот извештај се регистрирани само 50 корисници на тој значаен граѓански сервис.

За споредба, во старата зграда читалната била до зградата на депото и корисниците истиот ден ги добивале архивските фондови за користење. Читалната имала природна светлина сопространи прозорци и максимална прегледност со што се превенирала евентуална злоупотреба на архивски материјал.

– Во новиве простории нема елементарни услови за работа на архивистите кои средуваат документација стара и по стотици години. Системот за вентилација неправилно врши доток на воздух до просториите за средување и обработка. Нема филтри за прочистување препорачани за архиви согласно меѓунардони стандарди, велат нашите соговорници.

Зграда во близина на реката Вардар е спротивно на основното начело за изградба на објект за архив бидејќи претставува закана и проблем за функционалноста на инсталациите на архивот. Одводните инсталации се под нивото на реката и тоа е пречка за функционирање при поројни дождови, при зголемени подземни води и кога има ниски температури.

Во 2016 година Архивот не работеше во неколку наврати поради поплавување на подрумските простории и на окната на лифтот. Работните простории останаа без пристап, без струја, без вода и без неопходна вентилација.

Медиумите информираа, раководството ја искривуваше или молчеше за вистинската слика за состојбата.

Просторот е предвиден за работа на 60 вработени, а во него се сместени 120.

– Во стариот објект имавме работни простории со природна светлина, со проток на чист воздух без трошоци за вентилација. Тоа се целосно функционални простории за архивско работење.Зградата овозможува лесна евакуација…

Депото е посебна приказна која нема да има среќен крај ако целото се префрли на новото место каде – не му е место. 

Новото депо е во целосна спротивност со стандардите за изградба на архивски простор за чување документи. Тоа е во близина на вода и наликува на магацински простор за чување книжулиња на кои се запишани политички фантазии на нереализирани политичари, а не за документи за историјата на држава.

– Депото сега е на шести спрат. Отворено е по целата должина (1700 м2) без да биде поделено на помали сали со комори за заштита од пожар. Низ депото минуваат одводни и водоводни цевки како и цевки под висок притисок што е ризик за поплавување на депото и уништување архивски материјал. Нема прозорци ниту вентилација како основен предуслов за заштита од микроорганизми.

Во 2016 година депото беше поплавено од неисправна атмосферска инсталација. Се наоѓа на место над административни простории. Тоа е класична грешка бидејќи може да се загрозат животи на вработените и истражувачи поради константно зголемување на тежината во депото.

Наспроти тоа, депото во стариот објект на Архивот ги исполнува сите светски стандарди за чување архивски материјал. Тоа е посебна зграда одвоена од административните простории со посебен заштитен влез. Има пет ката, со сали од по 430 м2. Секојa сала со засебен влез со пристап преку лифт и скали. Градено е со статички пресметки што овозможуваат значително зголемување на тежината во депо-салите.

– Историјата на Македонија е запишана во документите во депото. Тоа се национални икони. Со префрлањето самите тераат да се избрише се што е овдешно. Се што и дава сенка на Македонија. Колку повеќе документи имаме, толку е подолга и сенката на Македонија. Мислат ли на тоа?, прашува вработен во Архивот палејќи цигара, како што вели „за да ја смири татковината во него“.

Најстариот документ што се чува во Државниот архив е од 12 век.

Во депото на централното одделение на Државниот архив се чуваат 1.387 фондови, 10.717 архивски книги и 28 збирки на документи 35.555 архивски кутии, 23.000 класери. Според последните податоци во Архивот се чуваат над 70.000.000 документи или околу пет километри должински траен архивски материјал. 12.500 микрофилмови и 5.050 микрофиши со вкупно 7.500.000 снимки. Во депоата на деветте подрачни одделенија на Државниот архив се чуваат 13 километри должински од општините и јавните институции, што се во надлежност на локалната самоуправа.

 

– Без документација, нема нација. Само премиерот и владата ја знаат адресата за надежта на Архивот на Македонија. Тоа е – враќање во стариот објект, вели соговорник од Архивот.

Не убедува дека ако тоа не се случи оваа година, тој ќе си замине. Исто и неколку други. Велат – не сакаат да учествуваат во уништување на Македонија.

– Македонија без документите од Архивот ќе биде како празна конзерва, вели еден од нив.

Старата зграда на Архивот сега е празна, но е доделена на Институтот за нацонална историја и на Обвинителството. По црвениот тепих во влезот по кој 49 години чекореле научници, академици, претседатели на држави,министри, сега ќе чекорат осомничени за организиран криминал и корупција.

За историчарите од ИНИ – отвораат мала споредна врата./Либертас

Златко Шумковски    МИА

Слични содржини