Толпа вознемирени матуранти и родители трпеливо чекаат пред строгочуваните „порти“ на ДИЦ, односно Државен центар испитен. Петок-ден кога матурантите кои приговарале на оценките од матурските испити можат да си ги видат тестовите и грешките- сопствените или на оценувачите?! А главен е портирот- тој жари и пали. Ги строи строго и родителите и матурантите. Директорката на ДИЦ ја нема, никој не знае кога и дали ќе дојде.екстерно

И сега да објаснам зошто го пишувам текстот. Една од многуте жртви на овогодишната матура е мојата ќерка, нормално, и многу други матуранти. Одговорните за спроведување на матурскиот испит по англиски јазик сфатиле дека матурантите препишувале од линкови на интернет, па им дале на оценувачите можни линкови.

Првичната информација зошто има 3 по англиски јазик беше дека препишувала од некаков линк и дека така стои на нејзиот тест. Нула бодови за текстот. Потоа дека делумен е преписот, па ќе добиела некој бод. На денешниот увид линкот беше пречкртан, значи не е препис (ни целосен ни делумен). Објаснувањето е дека дала малку солуции за темата. А бодовите за вокабулар, граматика, композиција?! Дадени се 6 од 25, ама не знае одговорната да објасни како се распоредени!!!  И сѐ ова го доживеавме поради оценувачот со број 109, кој неодоворно си ја вршел задачата, а иронијата да биде поголема и ќе му биде исплатен хонорар за нечесно сработена работа. А кој ќе ги обештети нервите на матурантите и на нивните родители?!

За да биде појасно- дел од оценувачите совесно и до крај проверувале дали текстот е преземен од линк, а дел „итри“, односно несовесни, подобро кажано безобразни, без да проверат ги пишувале линковите, без да проверат дали навистина текстот е преземен или не. Зошто би се заморувале кога можат лесно да ги „прегледаат“ текстовите? Пиши им нули на текстот и уживај си. Дали некој ќе доживее нервен слом, стрес заради направената неправда, што има врска?

Непознато дете, ништо не ти значи, никогаш нема да го запознаеш. Големо чудо ако добие на матура 3, иако одлично го знае јазикот. И така не може да докаже, кој ќе го сфати сериозно. И така општоприфатено е дека македонските ученици се препишувачи, речиси криминалци. Секако,  дека ова е далеку од вистината. Ние имаме прекрасни ученици, најголемиот дел си учат чесно и чесно си ги добиваат оценките.

Да не бидам погрешно сфатена дека реагирам само поради тоа што сум лично засегната, како професор и како дел од оценувачите на државната матура, секогаш сум реагирала кај одговорните за начинот на спроведување на матурата, но најчесто без успех. На тие што ја спроведуваат матурата најважно им е во јавноста да претстават дека таа се одвива објективно, без проблеми и без големи пропусти. Но, тоа е далеку од вистината.

Сузана Черепналковска,
Професорка во СУГС Гимназија „Орце Николов“ – Скопје

Слични содржини