Двајца советници на Меј поднесоа оставки по изборниот неуспех

од desk2

Главниот политички советник на британската премиерка, Ник Тимоти и доскорешниот директор за комуникации во Даунинг стрит 10, Фиона Хил, поднесоа денеска оставки на своите функции во кабинетот на Тереза Меј.

Двајцата досегашни советници на Меј оставките ги објаснуваат со изборниот неуспех на предвремените парламентарни избори, како и со „својата одговорност“ при подготвувањето на изборниот манифест на Конзервативната партија.

Оставките доаѓаат откако во британската јавност стана јасно за „тивкиот бунт“ во редовите на владеачките конзервативци кои ги обвинуваат Меј и нејзините советници за драстичното губење на поддршката на гласачите и неочекуваниот успех на лабуристите и на Џереми Корбин, иако се навестуваше нивен изборен дебакл.

Во кусата изјава на интернет страницата на Конзервативната партија, Тимоти изразува жалење за изборниот неуспех и признава дека тој е виновен околу изборниот манифест во делот во кој станува збор за тоа како во иднина ќе се финансира социјалната нега на трајно болните пациенти на кој им е неопходна грижа во центрите за нега.

Тимоти сепак вели дека партиските челници и сите конзервативци треба да застанат зад Меј како партиски лидер, затоа што претстојат „тешки и витално важни“ преговори околу Брегзит, за кои е потребно партиско единство.

Според неговата проценка, неуспехот на партијата се должи поради „фрустрациите“ на луѓето од долгите мерки за буџетско штедење и поради генерациските разлики околу Брегзит.

Проконзервативниот весник „Дејли Мејл“ открива денеска дека Тереза Меј има добиено ултиматум од партиското раководство, до понеделник да се откаже од соработката на своите советници во кабинетот, за да не се случи на почетокот на идната недела да има гласање за доверба за лидерската позиција на Меј.

Во првите реакции во Лондон се вели дека оставките на Тимоти и Хил ќе го ослабнат за момент притисокот врз лидерот Тереза Меј, но се верува дека од неа сега ќе се бараат многу други отстапки, откако таа одби да поднесе оставка по неуспешните предвремнени избори.

Меј распиша избори кога никој од неа тоа не го бараше. Таквата неочекувана одлука ја објасни со потребата од „цврсто и стабилно водство“ и исто таква влада, но наместо тоа таа ја ослабна својата и партиската позиција, губејќи го досегашното мнозинство во Парламентот.

Слични содржини