DW: Да не се бара повторно вината кај Меркел!

од Vladimir Zorba

Покраинските избори во Берлин ќе донесат промени. Но само за Берлин. Сојузно-политички причини за изборниот исход има малку. А, и тие дефинитивно не се поврзани со темите околу бегалската политика, смета Удо Бауер за DW.

0-17128471_303-00

Ако се земе како мерило расположението на постизборната забава на Социјалдемократите (СПД), тогаш новата влада е веќе позната. Исфиркување при објавувањето на резултатите на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), славје за резултатите на Левицата и Зелените. Досегашниот коалициски партнер на СПД во покраината Берлин кај базата на Социјалдемократите но и кај повеќето гласачи си го отслужи своет. Политичката иднина на Берлин ќе ја крои црвено-црвено-зелена коалиција (СПД-Левица-Партија на Зелените). Партиските лидери сега за почеток притискаат на кочницата, кога се прашани, дали овој модел би можел да се примени и на сојузно ниво. Најнапред мора да се сочекаат коалициските преговори за формирање на покраинската влада во Берлин. Но јасно е дека црвено-црвено-зелената е барем алтернатива за големата коалиција (СПД-ЦДУ) која сѐ повеќе ги нервира граѓаните. Тоа е веројатно единствената паралела со политиката на сојузно ниво.

ЦДУ и СПД казнети од избирачите

Изборите за пратеничкиот дом во Берлин беа одбележани главно од покраински односно локално политички теми. Стануваше збор за преголемото штедење во училиштата или за неефикасноста на локалната управа, но и за новиот меѓународен аеродром на Берлин (БЕР), кој очигледно никогаш нема да биде завршен, но постојано станува сѐ поскап.
Пред сѐ меѓутоа ни оддалеку нема на повидок политичар, кој како некогашниот градоначалник на Берлин, спцијалдемократот Клаус Воверајт со визија и ангажман ќе им понуди перспективи и храброст на граѓаните. Неговиот наследник и сопартиец Михаел Милер има шарм и харизма на бирократ.
Значи, што може да научат партиите на сојузно ниво од покраинските избори во Берлин? Лидерот на СПД, Зигмар Габриел, мора да внимава премногу да не го фали својот сопартиец Милер и неговиот изборен резултат, само затоа што тој ќе остане покраински премиер. Имено Милер освои шест процеснти помалку гласови од оние што ги освои Воверајт пред пет години и тоа е историски најлошиот изборен исход на СПД во Берлин. А и во ЦДУ не треба за екстремно лошиот изборен резултат на Франк Хенкел од 18 проценти да се обвинува шефицата на партијата и сојузна канцеларка Ангела Меркел. Зашто нејзината бегалска политика само индиректно е виновна за лошиот резултат. Имено кога бегалците пред една година масовно пристигнуваа во Берлин, сенаторот за здравство на Берлин, Марио Чаја (ЦДУ) со недели не успеваше да ги поправи нехуманите услови на станиците за регистрирање на мигрантите во Покраинската служба за здравство и социјални прашања (Лагесо) и оттогаш во цела Германија стана поим за политичко потфрлање. Берлин има репутација на град во кој никој не се чувствува одговорен за ништо.

АфД во престолнината на мултикултурноста

А што сега ни кажува новиот добар изборен резултат на Алтернатива за Германија (АфД)? Да, 13 проценти за десничарските популисти се 13 проценти премногу, но во споредба со последните избори во покраините во источна Германија тоа е послаб резултат. Берлин впрочем е шаренолика, мултикултурна метропола, и во неа десничарските заведувачи имаат далеку потешка работа. Партијата на Републиканците на пример тука се оддржа само еден легислативен период. Тие еднаш ја остварија својата обврска и го канализираа протестот на Берлинчани за сите проблеми (погледни горе во текстот), а потоа повторно исчезнаа. Тоа дефинитивно ќе биде така и со АфД. Но и покрај тоа Ангела Меркел деновиве повторно ќе биде изложена на притисок од сопствените редови поради нејзината наводно промашена политика кон бегалците. Само што изборниот исход во покраината Берлин навистина не е соодветен за такво нешто./извор DW

Слични содржини