DW: Хилари Клинтон може да здивне со олеснување

од Vladimir Zorba

Најновото соопштение на директорот на ФБИ во врска со истрагата околу имејлите на Клинтон, му го одзема главниот аргумент на нејзиниот ривал Доналд Трамп, информира DW.

USA Hillary Clinton (Reuters/B. Snyder)

Десет дена по првото писмо со кое директорот на ФБИ ја разбранува претседателската изборна кампања, Џејмс Коми на викендот пред изборите достави ново известување до водечкките членови на Конгресот. Во него констатира дека по извршената проверка на дополнителните имелји на демократската претседателска кандидатка, неговата служба не гледа причина за покренување обвинение. Додека првото писмо за новопронајдените имејли предизвика ликување кај приврзениците на Трамп и индигнација во таборот на Клинтон, сега е обратно.

Симпатизерите на Клинтон реагираат со олеснување, зашто информацијата на Џејмс Коми му ја одзема силата на главниот аргумент на Доналд Трамп, имено, дека на Клинтон ѝ се заканува кривична постапка поради аферата со електронската пошта. За Доналд Трамп пак и неговите следбеници, писмото на Џејмс Коми е натамошна потврда за манипулираноста на целокупниот политички систем. Од таборот на Трамп фрлаат со дрва и камења против Коми и го обвинуваат за вршење политичко влијание во корист на Клинтон.

Коми меѓу чеканот и наковалната

Уште од почетокот на истрагата за користењето на приватниот сервер за службена коресподенција од страна на Хилари Клинтон во време додека била министер за надворешни работи, Коми се наоѓаше меѓу чеканот и наковалната. Во тоа ништо не менува ни сегашното растоварување на Хилари Клинтон. Зашто, многумина нејзини симпатизери сѐуше се гневни што Коми воопшто поведе дополнителна истрага и јавно ја обзнани. Со тоа тој му достави убедлив аргумент на Доналд Трамп во самиот финиш на изборната кампања. Според бројни поддржувачи на Клинтон, а да биде иронијата поголема- истата проценка ја делат и  симпатизерите на Трамп, директорот на ФБИ од почеток играше политичка игра со цел да влијае врз изборите.

Откако ќе се слегне експлозивната прашина од овие избори, припадниците од двата табори кои се вистински заинтересирани за анализа и помирување по изборите, треба да размислат дали со своето однесување и од партиски аспект можеби логичните напади врз ФБИ и Коми, не направија лоша услуга за и онака разнишаната доверба во институциите и во демократијата на земјата. Зашто, никој освен самиот Коми не ги знае вистинските мотиви за неговите постапки. Можеби тој навистина следеше некоја политичка агенда. Но, тој можеби само се обидуваше да работи најдобро што знае и според својата совест, без обѕир кон партиите. Поддржувачите на Трамп и на Клинтон би требало сериозно да размислат  околу оваа можност.

Отстранета пречката на патот

Најновата вест во целина за Хилари Клинтон сепак е огромно растоварување, отстранета е огромна пречка на патот кон Белата куќа. Зашто дури и во овој бизарен изборен циркус, во кој се чини сѐ е можно, шансата против новоизбраната претседателка евентуално да биде подигнато обвинение, ги надминува рамките на толеранција. Тоа што ФБИ сега ја симна од неа сенката на можно обвинение не е за потценување, не само во поглед на денот на изборите, туку и потоа./DW

Слични содржини