Дали изборите на 24 април ќе означат крај на кризата или поради нерешените проблеми, ќе добијат нов, уште подраматичен почеток? На Јоханес Хан не смее да му се повтори искуството на Штефан Филе-пишува DW.

Johannes_Hahn
Политичкиот договор од 2 јуни/15 јули, тој реформско-транзициски коктел од мерки кој требаше да ја извлече Македонија од политичка криза, влегува во последните сто дена од неговата реализација. По сто дена, Македонија на 24 април треба да има предвремени избори, ако се оцени дека се исполнети сите услови за да се одржи фер и кредибилен изборен процес. Четирите партии – потписнички на Договорот имаат различни ставови за ова прашање, па се надеваат дека Гордиевиот јазол ќе го пресече еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан. Од потпишувањето на Договорот, неговата утрешна посета на Македонија ќе биде петта по ред. Еврокомесарот стана синоним за целовечерни преговори до многу следни утра, по кои, во негово присуство партиите во последен миг постигнуваа договор за прашања, за кои претходно самите не можеа да најдат решение. Заради маратонските преговори во Скопје, Хан многу пати одложи или пропушти летови за Брисел. Но, Македонија која предолго стои во место, тоа повеќе не може да си го дозволи.
Слаби резултати

Лидерската четворка ќе го дочека еврокомесарот со скромни резултати на масата. Од она што беше предвидено со Договорот, досега целосно се реализирани неколку точки: Запре објавувањето на „бомбите“, а опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) го прекина бојкотот и на 1-ви септември се врати во парламентот. Почна со работа Специјалното јавно обвинителство, кое треба да води истрага околу разговорите што произлегуваат од незаконски следените комуникации. СДСМ се вклучи во работата на т.н. транзициска влада со двајца министри и двајца заменици-министри во неколку ресори што се сметаат значајни за организација на изборите. Формирана е Анкетна комисија за скандалот со прислушкувањето, но досега не се остварени очекуваните резултати за утврдување политичка одговорност. И оваа, но и Комисијата за надзор врз работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање, досега ги немаат поднесено очекуваните извештаи. Некои од обврските се реализирани, но поради поголемите доцнења, тие ги загрозуваат роковите за реализација на другите обврски. На пример, членовите на Државната изборна комисија се избрани на 15 декември, со задоцнување од неколку месеци, односно 137 дена. Со тоа доцни и договарањето на методологијата за прочистување на Избирачкиот список од лажни и мртви гласачи. Ако процесот не е ни започнат, дали воопшто ќе има време тој успешно да заврши до изборите на 24 април? Воопшто не се започнати ни медиумските реформи, кои треба да донесат суштински промени кај медиумскиот регулатор, јавниот радиодифузен сервис, државната новинска агенција и бројни прашања поврзани со објективно известување на медиумите, односно за елиминирање на политичката контрола врз нив, за што Македонија со години по ред е критикувана од ЕК и од релевантни меѓународни организации. Не е започната ни предвидената реализација на препораките на ЕК, кои се однесуваат на системските прашања за владеењето на правото, деполитизација на јавната администрација и други структурни реформи.

На 15 јануари кога Хан пристигнува во Скопје, ќе биде дочекан и од нереализираната обврска на премиерот: да се повлече од премиерската функцијата. Владејачката партија требаше да предложи нов премиер, за да може до 15 јануари (сто дена пред изборите) да биде инаугурирана владата што ќе ја води земјата до 24 април.

Повеќе ТУКА

Слични содржини